Геополитиката и внатрешните проблеми се позадината на една судска драма
Економист
Случајот на Џулијан Асанж ги содржи сите елементи на еден трилер: има големи количини на незаконски објавени документи, има обвиненија за шпионажа и валкани измами на странска служба за време на изборна кампања во Белата куќа, а основачот на „Викиликс“ е протагонист кои некои го нарекуваат воин што се бори против тајноста, а другите корисен идиот.
Сепак, ако случајот беше обична фантазија, многу бргу ќе се заборавеше во јавноста и немаше да предизвика големо внимание. Веќе помина една деценија откако Асанж објави преку 250.000 дипломатски извештаи без да ги редактира имињата на изворите. Оттогаш тој помина седум години во еквадорската амбасада во Лондон, го избегна испрашувањето во Шведска во врска со обвинението за сексуален напад, кое на крајот шведските власти го отфрлија. Полицијата го изнесе од амбасадата лани во април, откако неговите домаќини решија да му го укинат престојот.
Следното поглавје во случајот ќе се отвори токму денес во судницата во Вулвич, јужен Лондон. Сослушувањата кои ќе траат четири недели во текот на февруари и мај, ќе одлучат дали Асанж треба да бидат екстрадиран во Америка каде што треба да се соочи со 18 обвиненија, меѓу кои и заговор за хакирање на компјутерите во Пентагон. Ако биде прогласен за виновен, ќе биде осуден на неколку децении затвор во Америка.
Судот прво ќе одлучува дали се работи за прекршоци за кои е потребна екстрадиција пред детално да го истражи случајот на Асанж, како што вели Ана Бредшо, адвокатка која се занимава токму со екстрадиции во адвокатската канцеларија „Питерс и Питерс“. Неговите адвокати тврдат дека станува збор за политички обвиненија и не се опфатени во рамки на екстрадицискиот договор меѓу Велика Британија и Америка, кој стапи на сила во 2007 година. Тие исто така се сомневаат дали Асанж е во состојба да го следи судењето во Америка. На ланското судење, тој имаше тешкотии да се сети на името и возраста, а исто така изјави дека не може правилно да расудува, иако неговиот портпарол вели дека оттогаш неговото здравје е подобрено.
Во теорија, политиката не треба да игра улога во случајот. Судијата треба да донесе пресуда базирана само на правни докази. Ако во сослушувањето се потврди дека Асанж може да биде екстрадиран, конечната одлука ќе ја има Прити Пател, секретарка за внатрешни работи на Велика Британија. Таа може да ја одбие екстрадицијата само по неколку правни основи.
– Играта ќе заврши кога случајот ќе стигне до секретарката за внатрешни работи – вели Бредшо.
Бидејќи шведското обвинителство лани ја отфрли истрагата, Пател повеќе не е надлежна да одлучува кое од двете барања треба да биде приоритет. Но, тоа нема да го спречи случајот да стане политички. Џереми Корбин, лидерот на опозициската Лабуристичка партија, е против екстрадицијата и го поддржува Асанж затоа што ја „обелоденил вистината“ за воените авантури на Америка. Критичарите ќе ги преиспитаат обвиненијата дека екстрадицискиот договор всушност е во корист на Америка. Дејвид Дејвис, поранешен министер во кабинетот на Ториевците, истакна дека иако Британија екстрадирала 135 лица во согласност со овој договор, Америка испратила само 11 лица во Британија. Други статистики даваат спротивни резултати, односно меѓу 2004 и 2014 година Британија одбила 14 американски барања за екстрадиција. Во истиот период, Америка не одбила ниту едно британско барање. Но, сојузниците на Асанж упатуваат на случајот дека Стејт департментот неодамна го одбил барањето, кое воедно предизвика големо внимание, за екстрадиција на Ен Сакулас која се соочува со обвиненија за убиство на 19-годишниот мотоциклист Хари Дан, поради опасно возење. Американските претставници изјавија дека неа ја штител дипломатски имунитет затоа што е сопруга на американски дипломат (според новинските извештаи, таа е поранешен агент на ЦИА).
Доналд Трамп исто така внимателно ќе го следи случајот. Американскиот претседател веќе е иритиран од тоа што Британија ја игнорирала американската загриженост затоа што ѝ дозволила на кинеската технолошка компанија „Хуавеј“ да учествува во изградбата на петтата генерација на мобилни мрежи. Ако Асанж не биде екстрадиран, тоа само ќе додаде сол на раната. Дури и името на Трамп може да биде спомнато на сослушувањето. Адвокатите на Асанж тврдат дека претседателот испратил посредник до Асанж за да понуди помилување или „некаков друг излез“, а за возврат да добие официјална изјава за негирање на руското мешање во незаконското објавување на мејловите на Демократската партија за време на последните претседателски избори. Белата куќа ја отфрли приказната. Но како што наближува новата претседателска кампања, не би било погодно сега да се покренат обвиненија.
Каков и да биде исходот од сослушувањето, губитниците ќе се жалат. На тој начин Асанж ќе може да остане во Британија најмалку до следната година. Може да следат и жалби до Врховниот суд и до Европскиот суд за човекови права. Сепак, има уште време за конечната пресуда.
Превод: Билјана Здравковска