Повеќе земји ги предупредуваат своите граѓани да внимаваат кога патуваат во САД поради двете масовни престрелки изминатава недела во кои беа убиени 31 лице, пренесува „Ју-ес-еј тудеј“.
Владата на Венецуела ги предупреди своите граѓани да внимаваат доколку патуваат во САД поради неодамнешните „акти на насилство“. Во предупредувањето се набројуваат и некои од најопасните градови во САД, меѓу кои се: Кливленд, Детроит, Балтимор, Алабама, Атланта, Калифорнија и Њујорк.
Слично предупредување до своите граѓани упати и Уругвај, предупредувајќи ги за зголеменото дискриминирачко насилство во САД предизвикано од омраза и поттикнато од расизам поради што животот го загубија над 130 лица изминативе седум месеци.
Во предупредувањето се наведува да се избегнуваат места со голема фреквентност на луѓе, како што се тематските паркови, трговските центри, спортските настани, фестивалите и верските собири.
Јапонскиот конзул во Детроит во неделата објави предупредување до јапонските граѓани за потенцијални масовни пукања насекаде низ САД, за кои напиша дека се „земја на оружјето“.
Неколку други земји, меѓу кои Франција, Германија и Нов Зеланд, исто така во минатото објавија слични предупредувања за нивните граѓани кога патуваат во САД.
Според базата на податоци на „Асошиејтед прес“, годинава се сторени 23 масовни убиства, во кои животот го загубија 131 лице. За споредба, во 2018 година животот го загубија 140 лица во текот на целата година. Базата на податоци ги следи сите масовни пукања во САД што датираат од 2006 година.