Претставници на здравствените работници велат оти тие се разочарани од постапувањето на Владата со кризата, како и од нејзиниот пристап кон здравствената заштита во целина
ВО ЗНАК НА ПРОТЕСТ ПРОТИВ СПРАВУВАЊЕТО СО КОВИД-19
Премиерката на Белгија, Софи Вилмес, викендот се соочи со студен пречек од персоналот на болницата „Свети Петар“ во Брисел. Здравствени работници во знак на протест против справувањето со ковид-19 ѝ го свртеа грбот на премиерката додека пристигнуваше со својот службен автомобил во официјална посета на здравствената установа.
– Посетите во болниците „Делта“ и „Свети Петар“ беа важни моменти на состаноци и дијалог и за медицинскиот персонал и за мене. Здравствената состојба, менталниот напор, вреднувањето на работата, финансирањето на здравствената заштита – се дискутираше за сѐ – порача на Твитер белгиската премиерка, која во саботата беше во прва посета на здравствените установи од почетокот на корона-кризата во Белгија.
Но медицинскиот персонал и другите здравствени работници очигледно поинаку го сфатиле дијалогот, коментираат белгиските медиуми.
Додека нејзиниот автомобил влегуваше во „Свети Петар“, редица здравствени работници, во знак на протест, ѝ го свртеа грбот на премиерката. Нивните претставници подоцна објаснија дека здравствените работници се разочарани од постапувањето на Владата со кризата, како и од нејзиниот пристап кон здравствената заштита во целина, вклучувајќи ги и прашањата како што се кратењето на буџетот, ниските плати и недостигот од персонал. Тие исто така не се задоволни од обидите на Владата да регрутира неквалификуван персонал за да им даде поддршка на здравствените работници, наместо да плаќа за обучени професионалци, пренесува „Браселс тајмс“.
– Многу ја цениме посетата на премиерката. Персоналот мина низ многу емоции. Понекогаш заморот и вознемиреноста се големи. Мислам дека требаше да искажат многу работи – изјави директорот на болницата Фелипе Лерој.
Портпарол на премиерката рече оти целта на Владата е „да го поддржи управувањето со кризата и да не го отежнува“, како и дека затоа „понекогаш носи тешки одлуки“.
Инаку, болницата „Свети Петар“ е од централно значење уште од самиот почеток на кризата со коронавирусот во Белгија и се смета за референтна болница за потврдени случаи во земјата. Првиот белгиски пациент заразен со коронавирус беше лекуван во оваа болница при враќањето од Вухан, Кина, каде што почна пандемијата. Како што се зголемуваше бројот на случаи во земјата, други болници почнаа да примаат пациенти со коронавирус.