Сите израелски амбасади и конзулати во светот од утрово се затворени бидејќи дипломатиите и воените аташеи штрајкуваат поради долгогодишен спор со Министерството за финансии за трошоците на дипломатските претставници.
Штрајкот, координиран од Министерството за надворешни работи, Министерството за одбрана и Федерацијата за труд „Хистадрут“, следува откако Министерството за финансии наводно ги повлекло претходните договори и соопшти дека ќе ги принуди дипломатските претставници да вратат илјадници долари, кои им биле исплатени за трошоци, објави „Тајм оф Израел“.
Затворањето на амбасадите и конзулатите стапи во сила во 1 часот по израелско време.
– Поради одлуката на израелското Министерство за финансии да ги прекрши спогодбите, кои ги договори и потпиша генералниот директор на Министерството за финансии на 21 јули 2019 година и да примени еднострана процедура, која го менува протоколот што важеше неколку децении, принудени сме да ја затвориме амбасадата – се наведува во соопштенијата објавени на интернет-страниците на израелските дипломатски мисии.
Во соопштението се истакнува и дека конзуларни услуги нема да им бидат давани и никому нема да му биде дозволено да влезе во амбасадата, односно конзулатот.