Новинарка во Турција е осудена на повеќе од една година затвор поради тоа што истражувала за офшор компании на Бинали Јилдирим. Нејзиното новинарско истражување открило детали за нелегални бизнис активности на поранешниот премиер на Турција и неговите синови.
Осудената Пелин Ункер, која е член на Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари беше прогласена како виновна од судот во Истанбул за „навреда и клевета“ поради тоа што пишувала за компании во Малта кои ги поседувале Бинали Јилдирим и неговите синови. Јилдирим беше премиер на Турција од 2016 до 2018 година, кога позицијата беше укината, а сега е спикер во Собранието на оваа земја.
Откако пресудата беше објавена, Ункер изјави за јавноста дека има намера да поднесе приговор, посочувајќи дека семејството Јилдирим признало дека информациите кои ги открила таа за фирмите на Малта се точни.
– Оваа одлука не е изненадување за нас, поради тоа што резултатот беше очигледен уште од почетокот. Во моите текстови нема ниту клевета, ниту навреда. Факт е дека Бинали Јилдирим и неговите синови имаат фирми во Малта, а тој веќе призна за тоа. Истите информации ги има и во обвинението – рече Пелин Ункер во нејзина одбрана во медиумите.
Турција има најмногу осудени новинари кои се соочуваат со затворски казни, со 68 новинари затворени до крајот на минатата година, според информациите од Комитетот за заштита на новинарите. Сите новинари кои се во затвор се соочуваат со обвниненија злосторства против државата.
Откритијата за „Парадајс пејперс“ произлегоа од огромното „истекување“ на документи за офшор компании кои беа објавени од 90 медиуми во светот. Истражувањето на овие документи предизвикаа и проширија криминални истраги во Швајцарија и Аргентина, а го забрзаа и процесот на реформи во Европската унија.
Директорот на Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари Џерард Рајл ја осуди 13-месечната казна, како последен обид за задушување на говорот на слобода во Турција.
– Ова е неправедна одлука на судот и со неа се задушува слободното новинарство. Ништо повеќе. Нашето здружение ја поддржува Пелин Ункер за храбрата и вистинита истражувачка работа и го осудува последниот напад на новинарската слобода од страна автократската власт на Реџеп Таип Ергоган – заврши Рајл.