Не е тајна дека морнарицата на Кина бележи голем подем, брза модернизација и проширен домен на операции во последните 15 години. Овој факт ја зголеми загриженоста на Западот за крајните намери на азиската држава, пренесува Си-ен-ен.
На конференцијата што се одржа на почетокот на месецов, повеќе од 200 поморски експерти беа собрани на Колеџот за поморско војување на САД, за да дискутираат за овие грижи и пошироките предизвици кои Кина може да ги има со зголемувањето на нејзината поморска моќ.
Тие заклучиле дека Кина бележи голем напредок во развивањето на програмите за ласерско, хиперсонично и електромагнетно оружје, како и на беспилотните системи.
Но и покрај сите нејзини ресурси, Кина и Народноослободителната армија се соочуваат со предизвици и со проблеми кои ја оневозможуваат да биде закана каква што ја сметаат овие експерти.
Постои еден голем проблем кој се однесува на тоа дека воените гранки на Кина сѐ уште не функционираат доволно добро заедно, и покрај сите обиди на претседателот Си Џинпинг да воспостави здружена команда.
Ова значи дека остануваат пропусти во мултислужбените операции, особено во операциите надвор од т.н. „далечни мориња“.