Земјите што ги забранија производите од кинескиот телекомуникациски гигант „Хуавеи“ сочинуваат повеќе од една третина од светскиот БДП. До крајот на 2019 година, Австралија, Нов Зеланд, Јапонија, Тајван и САД донесоа одлука за забрана и исфрлање од употреба на производите на кинеската компанија во рамките на нивните мобилни мрежи. Во меѓувреме, Британија ѝ забрани на компанијата да учествува со основни делови за технологијата 5Г, со што го намали уделот на „Хуавеи“ во новата британска мрежа на 35 отсто, наведува „Блумберт“.
По потегот на Британија, остана само уште една земја од англофонската разузнавачка алијанса да донесе одлука за забрана. Станува збор за Канада, која допрва треба да се изјасни за потенцијалната забрана. Од друга страна, Германија и Франција соопштија дека ќе ги засилат безбедносните мерки за одбрана против можно шпионирање на комуникациските канали од страна на „Хуавеи“. Истовремено, неколку европски земји, вклучувајќи ги Данска, Шведска и Белгија, се двоумат за забраната. Директната забрана може да биде тешко спроведлива во Европа, каде што „Хуавеи“ снабдува една третина од телекомуникациските системи.
Од друга страна, владите на Италија, Аргентина, Бразил и на Русија соопштија дека нема да се обидат да ја ограничат улогата на кинеската компанија.