Кога лидерите на ЕУ конечно се согласија за историскиот фонд за финансиско закрепнување во јули, разбирливо дојде до еуфорија. Огромниот пакет вреден 750 милијарди евра и овозможи на Европската комијата првпат да собере средства од отворените пазари во име на земјите-членки. Парите требаше да бидат поделени меѓу државите на кои им се најпотребни, додека пандемијата ги зголемуваше долговите и невработеноста. Поздравувајќи го договорот, германската канцеларка Ангела Меркел тогаш кажа дека „Европа покажала оти може да постигне промени во посебна ситуација како сегашната“. Но оптимизмот на Меркел се покажа како преуранет, пишува „Гардијан“.
Унгарија и Полска завчера ставија вето на пакетот за закрепнување, заедно со седумгодишниот буџет на ЕУ. Доколку набргу не се изнајде решение, користењето на финансирањето кое е од витално значење би можело да биде одложено за идната година. Тоа би имало катастрофални и дестабилизирачки ефекти, додека државите се борат со вториот бран на ковид-19 и Европа е на пат кон длабока рецесија.
Затоа не е изненадување што дипломатите на ЕУ предупредуваат за сериозна криза. Унгарија и Полска треба да добијат големи суми од пакетот за закрепнување, но нивното одбивање на планот е поврзано со поделбата на средствата и со почитувањето на демократските норми и владеењето на правото во земјите-членки на ЕУ.
За лидерот на Унгарија, Виктор Обран, и за полската конзервативна влада, клаузулата во договорот која се однесува на владеењето на правото е неприфатлива бидејќи им овозможува на институциите на ЕУ да бараат одговорност од нив. Сега се бара решение, а можна е промена на формулацијата на клаузулата, која би овозможила компромис за буџетот.
– Подеднакво важно е да не им се дозволи на Унгарија и на Полска да ги уценуваат другите земји-членки за отфрлање на клаузулата. Јули претставуваше историски момент на меѓудржавна солидарност. Но оние што имаат најголема корист не можат да очекуваат да ги стават парите во џеб и да продолжат да ги занемаруваат основните вредности на ЕУ – заклучува „Гардијан“.
Европските медиуми меѓу кои се „Дојче веле“, „Гардијан“ и „Еуобзервер“ ги нарекуваат Унгарија и Полска „пречки за напредокот“ кои ја држат Унијата во „заложничка криза“, додека пишуваат за ќорсокакот во кој се најде ЕУ.