Се чини дека САД и Русија се длабоко поделени поради нивните спротивставени визии за светскиот поредок и геополитичките интереси и вредности, така што многумина би можеле да кажат дека новото партнерство помеѓу нив не доаѓа в предвид, пишува „Форин полиси“.
– Двете страни во најдобар случај можат да се надеваат на напорите за избегнување на нуклеарна војна или на ескалација до воен конфликт. Навидум, американскиот претседател Џо Бајден целеше токму кон таква соработка кога го имаше првиот телефонски разговор со неговиот руски колега Владимир Путин, кој беше насочен кон продолжување на договорот Нов СТАРТ, пред другите прашања меѓу кои се притворот за рускиот опозиционер Алексеј Навални, апсењата на протестите, сајбернападите и мешањето во изборите – се наведува во анализата на американскиот магазин.
Но американско-руските односи се вредни за нов обид за подлабока поврзаност, кој ќе ја прекине низата на напади и одмазда што ги одбележа нивните односи во изминатите три децении по завршувањето на Студената војна. За да се постигне тоа, постојат јасни политички чекори кои двете страни би можеле да ги направат, со цел да ги увидат заедничките интереси.
– Аналитичарите честопати се фокусираат на „путинизмот“. А Бајден веќе нагласи дека „САД веќе нема да се повлекуваат пред агресивните постапки на Русија“. Важно е да се разбере дека не само Путин, туку и неговите претходници, Борис Елцин и Михаил Горбачов беа незадоволни поради американските постапки. Од таа перспектива не е мистерија зошто Елцин го избра Путин „да ја крене Русија која беше на колена“. Па проблемите во американско-руските постоеја и претходно, и ќе продолжат да постојат – пишува авторот на написот Брус Алин.
За да почне процесот на помирување, двете страни треба да ја увидат „целата слика“, односно системот на конфликтот по принципот акција-реакција. На интересите на САД би можело да им послужи да паузираат со офанзивата и да разгледаат каде можат да ги преиспитаат своите претпоставки за Русија. Најпродуктивно ќе биде да се согледа светот преку т.н. „стратешка емпатија“. На полето на преговорите и медијаторството, со децении беше изучувано како луѓето потпаѓаат на реакциите и конфликтот, и како може да се повлечеме за да ги увидиме креативните опции кои можеби не ги забележуваме во жарот на борбата. Бајден и Путин денеска препознаваат американско-рускиот антагонизам не е добар ниту за Американците ниту за Русите. Двете страни мора да се издигнат над своите гледишта и да изнајдат компромис, заклучува „Форин полиси“.