Иако неодамнешниот самит во Сингапур со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун придонесе за подобрување на имиџот на претседателот на САД, Доналд Трамп, во очите на Французите тој останува непопуларен, при што повеќе од 80 отсто од нив го сметаат за  агресивен, расист и опасен, покажува последната анкета. 
  
Според резултатите од анкетата што за весникот „Фигаро” и Франс енфо ја спроведе Институтот Одокса и компанија Дентсу консалтинг на 13-ти и 14-ти јуни, веднаш по самитот, само осум проценти од анкетираните Французи изразиле позитивно мислење за претседателот на САД. 

Тоа е полош резултат отколку во ноември, кога добро мислење за него имаа девет проценти од Французите.

Од друга страна, лошо мислење за Трамп сега имаат 71 отсто од испитаниците, што е за 10 проценти помалку од пред шест месеци. 

Инаку, 70 проценти од  Французите сметаат дека самитот во Сингапур, кој се одржа на 12-ти јуни, бил „комерцијален”, кој нема да го врати мирот во североисточна Азија.