Никој не обрнал внимание кога вулканот Анак Кракату во Индонезија ги покажал првите знаци на активност, татнејќи со месеци и притоа исфрлувајќи пепел и лава. Забавите на плажите и понатаму се одржувале во полн замав, а туристите уживале во рестораните на Западна Јава. Но, морето се издигнало без предупредување, предизвикувајќи подводен потрес, дваесет минути по последната вулканска ерупција во саботата. Тоа резултирало со исфрлање огромно количество вода на копното, кое носело се пред себе, пренесува „Вашингтон пост“.
До денеска, 281 живот беше загубен (околу 1.000 луѓе се повредени), а властите стравуваат дека бројот на жртви би можел да се зголеми, додека спасувачките тимови се низ селата и заливите во Сундскиот премин на околу 100 километри од Џакарта.
Индонезиските власти вообичаено се на штрек по сеизмичка активност во регионот подложен на земјотреси, но последната несреќа ги изненади, па немаше огласување на тревога од системот за предупредување. И експертите велат дека цунамито било неочекувано, бидејќи не е предизвикано од земјотрес како во 90 отсто од случаите.
– Ова веројатно е најголемата катастрофа што се случи без предупредување. Единственото прашање е дали е предизвикан од вулканот – посочи Дејвид Апелгејт од Геолошкиот топографски институт на САД.
Ненадејниот удар на цунамито погодил концерт на локален бенд на плажата, удирајќи во бината и во собраната публика. Барем четворица луѓе поврзани со бендот загинале, а еден преживеал држејќи се за дел од срушената бина.
– Под вода, можев само да му се молам на Исус Христос да ми помогне. Во последните секунди ми снема здив – вели преживеаниот член на бендот.
Норвежанецот Ојстен Лунд Андерсен бил со неговото семејство во хотел на плажата Анјар.
– Бранот влезе во хотелот каде што престојував, носејќи автомобили. Успеав да избегам со семејството на повисоко, каде што бевме згрижени од локалното население. За среќа бевме неповредени – напишал Норвежанецот Ојстен Лунд Андерсен на Фејсбук.
Еден од локалните рибари на Јава бил во неговиот дом на западниот брег кога дошле брановите.
– Луѓето велеа да бегаме бидејќи доаѓа бран. Имаше три бранови едноподруго. Се создаде вистинска паника. Многумина останаа зад нас – објаснува рибарот чие семејство се спасило.
Цунамито збришало стотици домови и раселило илјадници луѓе.
– Мојот живот и онака беше тежок. Ние сме многу сиромашни, а сега ни се случи ова – вели уште еден од Индонезијците на островот Јава.
Индонезија годинава беше погодена од повеќе несреќи. Околу 500 луѓе ги загубија животите во земјотрес на островот Ломбок во јули, а имаше повеќе од 2.500 жртви по земјотресот и цунамито во градот Палу во септември. Кон крајот на октомври, 189 луѓе загинаа во авионската несреќа на летот на „Лајон ер“, кој се сруши во близина на Џакарта.