На 1 јуни ЕУ почна систем за верификација на дигитални ковид-сертификати кои ќе се користат при патување во рамките на ЕУ. Од друга страна, Израел, кој веќе во голема мера ја спроведе употребата на сертификати, сега се откажува од нив и се чини дека и Велика Британија ќе ги прекине своите слични планови.
Иако регулативата за примена на дигитални сертификати, како средство за враќање на слободното движење во ЕУ, ќе стапи на сила на 1 јули, седум земји членки – Бугарија, Чешка, Данска, Германија, Грција, Хрватска и Полска – веќе одлучија да се приклучат на системот и започнаа со издавање на првите ЕУ-сертификати.
Европската комисија забележува дека другите земји членки постепено, според сопствените технички можности, ќе се приклучат на заедничкиот систем.
Брисел најавува почеток на преговори со трети земји за меѓусебно признавање на сертификатите за дигитална вакцинација со цел да им се олесни патувањето на граѓаните летово.
Се препорачува да се прифатат сите вакцини одобрени од Европската агенција за лекови („Фајзер“, „Астра зенека“, „Модерна“, „Џонсон и Џонсон“), како и оние одобрени од СЗО за итна употреба (синофарм и синовак), и за тоа одлучуваат индивидуално земјите членки во кои се патува.
Препораката на Европската комисија е дека до моментот на постигнување договор за заемно признавање на сертификатите, земјите членки прифаќаат валидни документи за вакцинација на државјани на трети земји.
Носителот на сертификатот за вакцинација мора да ги примил сите препорачани дози на вакцината најмалку 14 дена пред патувањето.
Од друга страна, Велика Британија најави дека ќе се откаже од сертификатот поради бројни проблеми. Плановите за ковид-пасошите да станат законски услов за големи настани пропаѓаат, пишува британски „Телеграф“.
Официјални лица кои работат на преглед на сертификатите сметаат дека нема шанси законот да се смени со цел да се нареди нивната употреба во Велика Британија.