Европската комисија денес најави нов хуманитарен пакет во вредност од 9 милиони евра за потребите на семејствата погодени од насилствата во Мјанмар.
-Ситуацијата во Мјанмар ги надминува страдањата на Рохингите бегалци. Не смееме да ги заборавиме жртвите во Мјанмар кои беа присилени да ги напуштат своите домови поради насилството во земјата. Заштитата на цивилното население ќе остане да биде најголем приоритет на ЕУ, изјави Христос Стилијанидес, еврокомесар за хуманитарна помош и цивилна заштита.
Стилијанидес додава дека помошта има цел да ги заштити најранливите категории чии најосновни права се одземени, посебно на оние кои живеат во Качин, Шан и Ракине.
-Сите учесници во конфликтот мора да го почитуваат меѓународното хуманитарно право и да дозволат пристап за хуманитарна помош во сите делови од земјата, додава тој во соопштение.
Според соопштението на Европската комисија, ЕУ обезбедува средства за хуманитарни акции во Мјанмар уште од 1994 година, а досега се обезбедени хуманитарни пакети во висина од над 249 милиони евра.