Европската унија во 2019 година ќе оддели дополнителни 1,5 милијарди евра за Турција за справување со мигрантската криза, стои во Проект-буџетот на ЕУ за следната година, што денеска го објави Европската комисија.
– Ќе се одвојат дополнителни 1,5 милијарди евра помош за бегалците во Турција, за да продолжи да им се обезбедува храна, образование и засолништа на бегалците од Сирија и други места, се наведува во документот.
Еврокомисијата потсетува дека, во рамките на овогодинешниот Буџет на Анкара ќе и бидат доделени 500 милиони евра за справување со мигрантската криза.
На Средбата на врвот ЕУ-Турција на 17 и 18 март 2016 година, Брисел и Анкара потпишаа договор, кој предвидува мерки за запирање на миграцискиот прилив кон Европа. Тогаш ЕУ вети дека ќе и додели на Турција шест милијарди евра за справување со бегалците, ќе воведе безвизен режим за турските државјаnи и ќе ги поттикне преговорите за пристапување на Анкара кон Унијата.
За возврат, Анкара се согласи сите илегални мигранти кои ќе пристигнат на грчките острови од турска територија, да се вратат повторно во Турција.
ЕУ од своја страна треба да презема бегалците од територијата на Турција, на кои претходно турската миграциска служба им доделила легален статус.
Анкара често упатува критики кон Брисел дека од договореното досега ништо не е исполнето, освен што и се дадени три милијарди евра. Од тие причини Турција постојано се заканува дека ќе го раскине договорот.