Најновиот став на официјалните власти во Брисел е дека премиерката на Велика Британија Тереза Меј е несигурен партнер за преговори. Иако перцепцијата не е таква во Лондон, лидерите на ЕУ чувствуваат дека направија многу сериозни напори за да и овозможат на Меј да спроведе уреден брегзит, пишува магазинот „Политико“.
Сега работите се менуваат. Неуспехот на Меј да го спроведе договорот низ британскиот парламент и нејзините континуирани неуспеси да изгради национален консензус за прашањето околку плановите за Велика Британија ги принуди нејзините колеги од ЕУ да заклучат дека тие повеќе не може да и веруваат на премиерката.
Идејата дека европските лидери како Ангела Меркел, Емануел Макрон и Доналд Туск се сојузници на премиерката на Велика Британија можеби звучи апсурдно за Лондон и Меј, но целата помош која и беше понудена сега пресушува.
Во последните неколку денови, претседателот на Европскиот совет Доналд Туск и главниот преговарач на блокот за брегзит Мишел Барние, јавно го пофалија планот на лидерот на опозицијата и главниот противник на Меј, Џереми Корбин, со кој Британија би останала во царинската унија на ЕУ.
– Коментарите на Туск упатени кон Меј на минатонеделната средба и ставовите на Барние истакнати во понеделникот во Луксембург, покажуваат дека ЕУ веќе нема желба да се соочува со одлагањата на Меј за брегзит. Овие изјави потврдуваат дека фрустрацијата во Брисел е толку голема што тие мешањето во нестабилната внатрешна политичка дебата на Велика Британија веќе не го гледаат како голем ризик – пишува „Политико“.
Координаторот за брегзит на Европскиот парламент Гај Верхофштад најексплицитно го поддржа меѓупартискиот дијалог во Венсминстер.
– Се надевам дека меѓупартиската соработка ќе донесе нови предлози од британската страна – рече Верхофштад во Стразбур и ги осуди неодговорните пратеници кои се обидуваат да спречат таква соработка. Тој дополнително потенцираше дека лично го изненадува тоа што една земја како Британија која има многу голема политичка креативност во својата долга историја сè уште не успева да најде начин да ги надмине разликите во парламентот.