Според информациите од бриселските кругови, ЕУ ќе претпочита во иднина да се фокусира на вакцините против ковид-19 што користат технологија на иРНК. Овој тип вакцини брзо развиваат имунитет во човечкото тело против вирусот и досега се покажаа како најуспешни во справувањето со неговите мутации

Медицината нуди повеќе оружја против пандемијата

Европската комисија (ЕК) активно работи на сузбивање на ширењето на опасниот вирус и истовремено се подготвува за следната фаза од пандемијата. Во таа насока комисијата при следните порачки на вакцини ќе се концентрира засилено на новата иРНК-технологија, која се покажа како најдобра и ја користат компаниите „Фајзер-Бионтек“ и „Модерна“. Ова, меѓу другото, се посочува во текст објавен во магазинот „Политико“, во кој се наведува дека ЕУ во моментов е во фаза на продолжување на договорите со фармацевтски компании и склучување нови за набавка на дополнителни 1,8 милијарда дози вакцини против ковид-19 од компаниите што произведуваат вакцини со вирусни вектори, како што се „Фајзер-Бионтек“, „Астра Зенека“ и „Џонсон – Џонсон“. Ваквиот чекор неодамна го соопшти и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, при што порача дека „фокусот на Унијата до 2023 година треба да биде во вакцините со напредна технологија, кои се покажаа како најуспешни, а јасен пример за тоа се токму оние со информациска РНК (иРНК) структура“. Според магазинот, ваквата изјава на Урсула фон дер Лејен прецизно ги отсликува многуте експертски толкувања, кои велат дека вакцините со иРНК-структура се најдобри во однос на заштитата од понатамошните мутации на ковид-19 бидејќи полесно се рекомбинираат.

Светло на крајот од тунелот

Во меѓувреме ваквата вест исто така ја потврдија и од германско-американскиот тандем „Фајзер-Бионтек“ и најавија дека тие ќе можат да обезбедат 50 милиони дози, почнувајќи од овој месец, кои првично беа планирани за крајот на оваа година, така што овој производител до јуни во ЕУ ќе испрати вкупно 250 милиони дози.
– До средината на јули, европските членки ќе имаат доволно дози за да вакцинираат 70 отсто од возрасното население. Производствениот капацитет за вакцините се зголемува како што јасно покажува забрзаната испорака на „Фајзер-Бионтек“ за Европа во вториот квартал од годината – истакна Тиери Бретон, комесарот за внатрешен пазар. Во исто време магазинот пишува дека од европскиот блок се очекува со првичните 50 милиони дози да вакцинира до 90 отсто од поставените цели до крајот на летото ако „Астра Зенека“ испорача 70 милиони дози до крајот на јуни и уште 10 милиони во јули. Со новиот договор, кој се очекува да се потпише меѓу компанијата и ЕК ќе се забрза испораката, а со тоа се очекува да се промени и целокупниот тек на пандемијата.

Трка со времето

Инаку, повеќето европски држави планираат да започнат вакцинација со „Џонсон – Џонсон“, кои во ЕУ пристигнаа оваа недела, покрај тоа што од компанијата очекуваат подетална безбедносна процена од европските регулаторни тела. Белгија и Холандија во таа насока соопштија дека ќе ја почитуваат одлуката и привремено ќе ја прекинат употребата на вакцината, додека Франција и Италија ќе ја ограничат само за повозрасното население. Ваквиот тренд е актуелен поради ограничувањето на употребата на „Астра Зенека“, која се користи генерално за повозрасното население, а во некои земји, како Данска, таа беше целосно повлечена. Во меѓувреме, аденовирусните, векторски вакцини паѓаат во втор план поради нивната наводна послаба ефикасност. Питер Лизе, кој е портпарол за здравство на Европската народна партија во Европскиот парламент, порача дека „иднината е во иРНК-вакцините, кои се поефикасни од векторските и имаат помалку несакани ефекти, а најважната предност е што побрзо се адаптираат на мутациите“. Тој додаде дека ЕК нема да ги обнови договорите со другите производители на векторски вакцини, како што првично пренесе италијанска „Ла стампа“. Други европски извори велат дека нема конечна одлука дали ќе се продолжат договорите со „Астра Зенека“ и „Џонсон – Џонсон“. Еден постар дипломат истакна дека државите не треба веднаш да ги отпишуваат овие вакцини бидејќи нивната докажаност е позната низ историјата. Сепак, ЕУ генерално се надева на иРНК-вакцините, со тоа што во преговори е со „Модерна“ за дополнителни дози. Според досегашните договори, Унијата треба да добие 310 милиони дози до крајот на оваа година, а исто така се очекува да се одобри и третата иРНК-вакцина од германската фирма „Кјурвак“.


Кои се иРНК-вакцините?

Вакцините против ковид-19 што ја користат информациската РНК, (информациска рибонуклеинска киселина, иРНК) како што се вакцините од „Бионтек“ и „Фајзер“ и „Модерна“, користат технологија што зема мали фрагменти од генетскиот код на вирусот за да го научи телото како да се бори против коронавирусот и да развие имунитет. Инјекцијата е со спакувана молекула и содржи структура во форма на информациска РНК (иРНК). Понатаму овие молекули се апсорбираат во клетките на телото, каде што иРНК ги стимулира да создаваат одреден протеин што потоа телото го смета за „туѓ“ и како резултат на тоа го напаѓаат клетките на имунолошкиот систем, кој потоа развива имунитет односно антитела. „Бионтек“ и „Фајзер“ беа првите компании што ја користеа оваа технологија во истражувањето за вакцина против вирусот САРС-Ков-2.