Предизвиците што ги наметна пандемијата на ковид-19 предизвикаа многу земји во ЕУ да направат законски измени за подобро да се регулира работењето од дома. Португалија е последна од низата земји што најавуваат сосема нов закон за работа од дома. Целта е поголема контрола и надзор врз сите обврски на работодавците врз работниците и обратно
Повеќе држави-членки на Унијата изминатиот период поведоа иницијатива за измена на законите за работни односи во ЕУ како резултат на работата од далечина, која во изминатава година е најчест модел на работа на Европејците. Имено, Мигел Кабрита, заменик-државниот секретар за труд на Португалија, минатата недела поднесе инцијатива до Брисел во која му се приклучија повеќе членки во насока на менување на веќе постојните закони за работни односи што важат во блокот, како резултат на преселбата на работата дома за време на корона-кризата.
Како што наведува угледниот магазин „Еурактив“, во оваа иницијатива за смена на законите за работни односи низ Унијата се наведува важноста за наоѓање рамнотежа меѓу можностите и ризиците на работата од своите домови, како и ограничување и прецизирање на работното време од дома. Кабрита, португалскиот секретар за труд, во таа насока силно се залага за ставот дека „треба веднаш да се преземат чекори кон подготовка на сосема нова законска регулатива што ќе одговора на актуелната состојба“.
Законската регулатива за работа од далеку
Во меѓувреме Ирене Мандл, шефицата на единицата за вработување во европската агенција за труд „Еврофонд“, вели дека далечинското работење стана „новото нормално“ во пандемијата и исто така даде поддршка за предлогот за подготвување на нова законска регулатива. Мандл се согласува со ваквиот предлог бидејќи и по крајот на здравствената криза, некои од работодавците и натаму ќе се одлучат да практикуваат ваков модел на работа. Како предности на далечинското работење, таа ги наведува поголемата работничка инклузија, зголемената флексибилност и автономија, како и подобро одржување на рамнотежата меѓу професионалниот и семејниот живот. Но од друга страна, Мандл ги нагласи и ризиците, како што се исклучување на одредени групи или зголемување на контролата врз работниците, дополнителниот стрес и неограниченото работно време.
Паралелно на ова, координаторите на Зелениот концепт за иднината на начинот на работа во Португалија, Тереза Коељо Мореира и Гиљерме Дреј, рекоа дека во 2014 година само 0,05 отсто од работоспособното население во Португалија практикувало далечинско работење за разлика од 12,3 отсто денес.
– Сега постојат нови можности и нови ризици, кои се токму причината поради која е неопходно да се усвојат политики што ќе ја гарантираат слободата на избор за да се постигне поголема флексибилност, а од друга страна ќе се одбрани и заштити работникот – смета Дреј.
Корист за работникот и за работодавецот
Од друга страна, претседателот на Германската индустриска и трговска комора (ДИХК), Ерик Швајцер, малку ја намалува еуфоријата и критички реагира во делот што се однесува на имплементацијата на предложените законски регулативи. Тој во изјава за „Дојче веле“ посочува дека во овој момент има повеќе видеоконференциски состаноци, но и помалку службени патувања, па верува дека повеќето од компаниите на подолг рок нема да може да се раководат само од компјутер.
– Ние забележавме дека доста работи може да се завршат и онлајн, што досега ни било незамисливо. Но сепак не можеме да се залажуваме дека целиот економски живот ќе може да го извршуваме од дома – вели тој и додава дека повеќето од компаниите на подолг рок не може да се водат од компјутер.
Инаку, во истражување на оваа тема на Евростат се посочува дека во 2019 година единствено 5,4 отсто од вработените луѓе во Европската Унија (ЕУ) што биле на возраст од 15 до 64 години изјавиле дека сакаат да работат од дома. Сега поради пандемијата овие бројки се драстично променети, па луѓето се принудени да работат на овој начин. Според Евростат, жените почесто работат од дома, за разлика од мажите, а во изминатата година Холандија и Финска се двете земји-членки на ЕУ што се лидери со работа од дома. Во овие две европски земји речиси 14,1 отсто од вработените лица минатата година работеле од дома.