Трамп воведува нови царини на увезените кинески производи во вредност од 200 милијарди долари, а Пекинг најави дека ќе возврати со исти мерки
САД воведуваат нови царини на стоки од Кина во вредност од 200 милијарди долари, што ќе ја интензивира трговската војна со Пекинг. Новите мерки ќе бидат применети врз околу 6.000 производи, што е најголем број артикли подложени на американски царини досега. Кина најави исти контрамерки.
Меѓу производите што ќе бидат царинети се чанти, ориз и текстил. Иако се очекуваше дека царините ќе бидат воведени и за технички производи како паметни часовници или столчиња за бебиња, овие производи не се на списокот.
Новите царини ќе почнат да се применуваат од 24 септември, со стапка од десет отсто, а таа се очекува да се зголеми на 25 отсто во почетокот на наредната година доколку не се постигне договор меѓу двете држави.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека зголемените царини се одговор на „кинеската нечесна трговска политика, примената на субвенции и правилата што бараат од компаниите да ангажираат локални партнери“.
– Многу јасно кажавме какви промени бараме и ѝ дадовме на Кина можност да ги подобри своите односи кон нас. Но тие досега не покажаа подготвеност за такво нешто – изјави Трамп.
Дополнително, тој се закани дека ако Кина одговори со исти мерки, тогаш САД ќе применат нови санкции, со кои ќе бидат погодени кинески стоки во вредност од 267 милијарди долари, што би значело дека ќе се царини речиси целиот увоз од Кина. Потегот предизвика привремен пад на берзите во Хонгконг и во Токио, кои потоа забележаа пораст, јави Би-би-си.
Ова е веќе трета рунда американски царини воведени против кинеските производи. Во јули, Белата куќа ги зголеми тарифите за кинески производи во вредност од 34 милијарди долари, а потоа минатиот месец трговската војна уште повеќе се разгоре кога САД воведоа царини од 25 отсто на дополнителни производи во вредност од 16 милијарди долари. Најновата рунда значи дека речиси половина од увезените кинески стоки во САД се предмет на нови царини. Ова се најголеми царини досега и, за разлика од претходните санкции, овие царини се однесуваат и на потрошувачки добра, како чанти или мебел, што значи дека домаќинствата веднаш ќе може да ги почувствуваат последиците од повисоките цени.
Американските компании веќе предупредија дека трговската војна ќе ги зголеми трошоците во производството, што ќе значи и зголемување на цените на производите, но и на ризикот од затворање работни места. Компаниите како „Епл“, „Дел“ и „Хјулит-Пакард“ предупредија на зголемување на цените, бидејќи голем број од нивните производи се склопува во Кина. „Епл“ месецов им пиша на претставниците што ги водат трговските преговори дека новите царини ќе ги зголемат цените, а на тоа Трамп одговори на Твитер.
– Правете ги вашите производи во САД наместо во Кина – нагласи тој.
Белата куќа тврди дека Кина спроведува „нечесни“ трговски политики кон САД. Нејзината идеја е дека царините треба да ги направат американските производи поевтини од увезените и со тоа да ги поттикнат потрошувачите повеќе да ги купуваат, со што ќе се зајакнат локалните компании и националната економија. Од друга страна, многу американски компании, фармери, продавачи и стопански комори формираат коалиција против царините, велејќи дека со мерките се царинат американските семејства.
И додека некои економисти тврдат дека царините нема да имаат поголем ефект врз американската економија, други посочуваат дека ефектите тешко можат да се предвидат. Американските власти велат дека сакаат колку што можат повеќе да ги заштитат потрошувачките производи од царините, но со новите мерки листата е проширена и на производи како куфери, рачни чанти, тоалетна хартија или волна, како и на храната од замрзнато месо, преку речиси сите видови риба, до житарки, овошје и ориз.
Кина веќе почна да се одмаздува и воведе царини за американски производи во вредност од 50 милијарди долари, а најави и нови мерки за дополнителни производи од 60 милијарди долари.
Аналитичарите засега не гледаат можност за смирување на спорот, бидејќи Американците и Кинезите едвај комуницираат, а во меѓувреме само разменуваат закани и влечат еднострани потези. Последните преговори на високо ниво завршија во мај, и двете страни требаше повторно да седнат на маса минатата недела, но новите мерки сигурно ќе го одложат тоа. Кинезите предупредија дека нема да преговараат ако Трамп воведе нови царини.