Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера предложи формирање комисија со еврејски, муслимански и христијански претставници, која би управувала со Ерусалим, пренесуваат агенциите.
Ердоган исто така ги повика ОН, Советот за безбедност на ОН, Организацијата за исламска соработка (ОИЦ) и другите меѓународни тела да се обединат против угнетувањето на цивилите во Палестина.
– Во овој момент веруваме дека има потреба од посебен аранжман во Ерусалим. За да се постигне траен мир и спокој во Ерусалим, кој содржи неизоставни религиозни симболи на муслимани, Евреи и на христијани, секој мора да направи жртви.
Во сегашните околности најправилно и најконзистентно би било со Ерусалим да раководи комисија од претставници од трите религии. Во спротивно, нема да биде лесно и можно да се постигне траен мир во овој древен град – рече Ердоган.
Турција, продолжи тој, ќе даде политички и воен придонес во меѓународните напори за ослободување на Ерусалим и за заштита на палестинскиот народ. Од таму во неделата предложија и формирање „меѓународен механизам за заштита за народот на окупираната Палестина“.