Во сириската провинција Идлиб вечерва од полноќ стапува на примирјето помеѓу завојуваните страни. Оваа одлука ја соопшти турскиот претседател, Реџеп Тајип Ердоган, по средбата со неговиот руски колега Владимир Путин што се одржа во Москва и траеше повеќе од шест часа.
 

– Во најкратко време ќе се спроведе примирјето, а потоа ќе ги направиме другите чекори за кои заедно ќе одлучиме – рече Ердоган на заедничката прес-конференција со Путин.

Рускиот претседател оцени дека Русија и Турција постигнале прифатливо решение за кризата во Идлиб и договориле документ за заедничко регулирање на ситуацијата во Сирија.

Двете земји се согласиле да воспостават безбедносен коридор покрај главниот пат на Идлиб и да спроведуваат заеднички патроли од 15 март.

Безбедносниот коридор ќе се протега на шест километри северно и шест километри јужно од автопатот М4. Конкретните параметри за функционирањето на безбедносниот коридор ќе ги договорат министерствата за одбрана на Руската Федерација и на Турција во рок од седум дена.

Рускиот претседател изрази надеж дека договорот ќе стави крај на страдањето на цивилите и ќе создаде услови за решавање на кризата во Сирија.

Питин потсети дека ова е негова трета средба со Еродган оваа година.

Конфликтот во Идлиб, кој остави раселени речиси милион луѓе, претходните денови се интензивираше меѓу сојузничките бунтовници од една страна и сириските владини сили поддржани од Москва и Техеран од друга страна.

Минатата недела 33 турски војници беа убиени во воздушни напади од страна на сириската влада, поддржана од Русија, по што Ердоган ја почна офанзивата „Пролетниот штит“.