Територијалниот спор помеѓу Ерменија и Азербејџан повторно еруптираше преку најсериозните судири во последните неколку години во кои вчера загинаа најмалку 23 лица, додека двете поранешни советски републики веќе втор ден се борат за регионот Нагорно-Карабах, пренесува Би-би-си.
По зголемувањето на тензиите во изминатите неколку месеци, дојде до жестоки судири во енклавата која територијално му припаѓа на Азербејџан, но е под контрола на етничките Ерменци откако прогласи независност во 1991 година по распаѓањето на Советскиот сојуз. Ерменија и Азербејџан водеа шестгодишна војна поради оспоруваната територија до примирјето во 1994 година. Оттогаш во повеќе наврати се обвинуваа за прекршување на примирјето, а во еден од претходните посериозни судири, во 2016 година загинаа 200 луѓе.
Деценискиот спор вообичаено е проследен со меѓусебни обвинувања за тоа кој прв отворил оган, но се смета и за информациска војна, бидејќи е тешко да се дојде до потврдени официјални информации. Азербејџан сега тврди дека ја ослободил територијата контролирана од Ерменците, што ерменските власти го негираа. Од друга страна, Ерменија тврди дека му нанела сериозни загуби на противникот, што Баку го отфрли.
Судирите поттикнаа бројни дипломатски апели за прекин на огнот. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вети поддршка за Азербејџан, повикувајќи го светот да застане на страната на државата во нејзината „борба против инвазијата“. Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш изрази загриженост и ги повика двете страни да прекинат со воените дејствија. Франција во која живее голема ерменска заедница исто така повика на прекин на огнот и на преговори, исто како и руското министерство за надворешни работи. А Иран кој се граничи со двете спротивставени држави се понуди да посредува во мировните преговори. Американскиот претседател Доналд Трамп исто така кажа дека САД бараат начин за прекин на насилството.
Турција има силни културни и економски врски со Азербејџан, додека Русија е традиционално блиска со Ерменија, иако во изминатите години создава врски и со елитата на Азербејџан. Згора, избивањето на насилството претставува закана за регионот низ кој поминуваат значајни гасоводи и нафтоводи кои ги снабдуваат меѓународните пазари, што дополнително ќе го привлече вниманието на светските сили.