Смртта на поранешниот египетски претседател Мохамед Морси, кој почина завчера од срцев удар, за време на судењето во Египет, ги изнесе на виделина недостатоците на египетската револуција, пишува американскиот магазин „Атлантик“.
Илјадници поддржувачи на Морси во 2012 година стоеја на плоштадот „Тарир“ во Каиро со очекување дека војската, која се уште беше моќна, ќе дозволи фер и демократски избори. Единственото прашање за Египќаните беше дали изборите ќе бидат наместени. Во штабот на кампањата на Морси, неговиот портпарол, Јахија Хамед, бил прашан како ќе бидат третирани полициските офицери кои малтретираа, апсеа и мачеа луѓе подолго од половина година.
– Ќе го цитирам Нелсон Мандела, кој откако бил ослободен од затвор, изјавил „да ги изненадиме со нашата великодушност“. Така што и ние треба да ги изненадиме со нашата великодушност – изјавил Хамед.
Но тоа не се случи. За време на владеењето, Морси, кој заедно со други политичари од Муслиманското братство удри врз непопуларните закони и испиша нов устав што значеше анатема за либералните и секуларните Египќани. Не постоеше никаков консензус. Морси се обиде да донесе одлуки без надзор, исто како и секој диктатор и тиранин во египетската историја. Со тек на времето, сите освен неговите најлојални приврзаници, се свртеа против него. Изјавите од типот „барем Морси нема да нареди да пукаат на нас по улиците“ се покажаа како неточни. Во 2012 година, поддржувачи на Морси мачеа демонстранти во дворот на претседателската палата, докажувајќи дека дури и најмалата надеж беше залудна.
Со постојаното зголемување на омразата кон Морси, многумина мислеа дека ќе најдат спас во војската. Ова докажа дека човековата моќ има граница. Реформаторите и оние кои сакаа слобода го соборија диктаторот Хосни Мубарак, кој владееше 29 години во земјата. Но, дезориентираните револуционерни партии, за кои политиката беше нешто ново, постигнаа слаби резултати, а ниеден од нивните претставници не стаса до вториот, последен круг на претседателските избори.
Војската и Муслиманското братство, сепак, ги имаа најдобрите услови да го сторат тоа – слепо верни поддржувачи, организирани кадри и пари.
Револуционерите, либералите и социјалистите не му веруваа на Морси, кој за време на кандидатурата покажа авторитарни склоности. Тој ја доби поддршката со тоа што вети дека ќе биде владетел кој ќе обезбеди рамноправност за сите, а не само за Муслиманското братство. Тој оствари средби со активисти и со младината, ветувајќи им дека ќе ги внесе во коалицијата за реформи на пропаднатиот политички систем. За себе, тој изјавуваше дека „нема права, туку само должности“. Тој ги поттикнуваше да го поддржуваат, само доколку ги исполнува ветувањата за леб, слобода и правда.
Но, тој не успеа да ги исполни дадените ветувања, а по една година на власт, Морси беше соборен со државен удар сторен од војската. Новиот диктатор беше разузнавачки генерал во кој Морси имаше доверба. Генералот Абдел Фатах ал Сиси го сврте јавното мислење против корупцијата и верскиот фанатизам на Морси и со тоа го означи крајот египетската демократија.
Денес, Сиси го продолжува неодговорното и некомпетентно самостојно владеење, исто како она што го предизвика бунтот во 2011 година. Тој ги проучувал владеењата на неговите претходници со цел да ја избегне нивната судбина. За време на тие проучувања, тој сфатил дека неговите претходници биле премногу меки. Под режимот на Сиси, несогласувањата, било тие да се само симболични, за него се доволна причина да делува.
Затоа за време на шесте години кои Морси ги помина во затвор, наводно, не му беше дозволена никаква медицинска помош, а тој беше држен во самица. На неговото семејство му беше дозволено да го посети само три пати во текот на шесте години. Ваквиот третман може да се очекува за секого во Египет, било да е поддржувач или противник на Сиси, а на тоа укажува и несогласувањето на негови поддржувачи кои се осмелиле да му противречат, дури и за најситните детали во политичките прашања.
Сепак, Морси беше единствениот лидер избран по пат на фер и демократски избори во Египет. Тој дојде до власт по пат на демократски процес, и доби поддршка од широк спектар на луѓе. Неговото владеење ќе остане запаметено како уште еден обид за демократија отфрлен од воена диктатура. А за да се победи таквата диктатура, потребен е вистински демократски водач.