Европската Комисија ги објави утрово подготовките за брегзит без договор и ги повикува граѓаните и фирмите да се информираат за сите можни последици од ова сценарио, јави дописничката на МИА од Брисел.
-Со оглед на тоа дека е сѐ поверојатно дека Обединетото Кралство ќе ја напушти Европската Унија без договор на 12 април, Европската Комисија денеска ги комплетираше своите подготовки за брегзит „без договор“, соопшти прес службата на ЕК.
Европските шефови на држави и влади минатата недела и дадоа два рока на британската премиерка Тереза Меј да се изјасни за наредните чекори. Доколку таа успее да собере мнозинство во Парламентот околу договорот за повлекување од ЕУ до 29 март, брегзит се одлага до 22 мај. Во спротивно, се одлага само до 12 април. Бидејќи рокот е многу кус, а политичката криза во Британија не стивнува, станува сѐ поизвесно дека сите страни треба да се подготват за брегзит без договор, сценариото кое најмалку го посакуваа двете страни.
Конкретно, брегзит без договор ќе значи дека Обединетото Кралство по 12 април станува трета земја и односите меѓу ЕУ и Лондон ќе се водат согласно меѓународното право и правилата на Светската трговска организација (СТО).
Договорот за повлекување, односно договорот за брегзит, кој го отфрли британскиот Парламент, имаше за цел токму да воведе транзициски период, за напуштањето на Британците да не биде брутално и да се избегнат максимално секакви непосакувани последици на недоволна подготвеност.
Од 12 април, ако нема договор, правото на ЕУ нема повеќе да се применува во Обединетото Кралство, нема да има транзициски период, што „јасно ќе предизвика значајни нарушувања за граѓаните и фирмите“, предупредува Европската Комисија.
-ЕУ ќе мора веднаш да ги применува своите правила и царини на границите со Обединетото Кралство, што вклучува проверки и контроли на царините, на санитарните и фитосанитарните стандарди и верификација на усогласеноста со ЕУ нормите, стои во соопштението.
Покрај ова, Британците нема повеќе да можат да аплицираат за ЕУ грантови, а британските граѓани нема повеќе да бидат граѓани на ЕУ.
-Тие ќе бидат предмет на дополнителни проверки кога ќе ги минуваат границите на ЕУ, предупредува ЕК.
Земјите и институциите на Европската Унија се подготвуваат речиси две години за ова сценарио, уверуваат службите на Европската Комисија. До денеска, извршната власт поднела 19 предлог-закони, од кои 17 се веќе одобрени од страна на ко-одлучувачите, Советот и Парламентот, или се во тек.
Меѓу овие мерки се наоѓаат буџетот на ЕУ во случај на брегзит без договор, надоместоци за рибарите кои нема повеќе да имаат пристап до британските води, безбедноста на авионскиот сообраќај, програмите за студентска размена или, пак, визните политики, информираат од ЕК. Мерките се привремени и ќе бидат унилатерално усвоени од страна на Европската Унија.