Нов предизвик за светските сили во вечната битка за доминација
Може да се истакне дека низ годините секогаш постоел натпревар на големите сили во различни области, меѓу кои и во здравството, кој прв ќе најде лек за болестите. Денес тоа се повторува со предизвикот која нација прва ќе пронајде вакцина за коронавирусот, каде што Европа не сака да заостанува зад напорите на САД за наоѓање вакцина против ковид-19
По повод неодамнешните најави од САД дека се „први во редот“ за добивање вакцина против ковид-19 од француската компанија „Санофи“, Европската комисија деновиве бара мандат од земјите-членки на ЕУ да ги откупи правата на сите вакцини и брзи тестови за ковид-19 што се во фаза на развој низ фармацевтските фирми во Унијата. Како што пишува бриселскиот портал „Еурактив“, извршната власт на ЕУ дополнително е подготвена дури однапред да ги плати шесте потенцијални зделки за тестирање вакцини на европските фармацевтски куќи што се во фаза на испитување на вакцините, за да се обезбедат доволни дози од лекот за граѓаните на ЕУ. Иако Брисел во исто време го повикува Вашингтон да се приклучи кон глобалните напори за истражување, производство и дистрибуција на идната вакцина против коронавирусот, сепак според некои европски експерти со ваквиот чекор Брисел става на знаење дека сака да предничи во трката за вакцина за ковид-19.
– Сите вакцини во принцип во моментов се на клиничко испитување и се подобни за набавки уште отсега. Ваквиот чекор на комисијата е во насока превентивно да се обезбеди ЕУ со евентуална вакцина против ковид-19, бидејќи Вашингтон неодамна сигнализира дека нема да дозволи продажба во странство на лекот сѐ додека не се исполнат сопствените потреби – изјави официјален преставник на конференцијата на ЕУ за „Еурактив“.
На истава тема неодамна грчкиот премиер Киријакос Мицотакис истакна дека ЕУ што поскоро треба да ги откупи правата на сите вакцини и брзи тестови за ковид-19 што се во фаза на развој низ лабораториите во Европа, со што таа ќе ги поседува правата и ќе може веднаш да ги дистрибуира вакцините во земјите-членки кога ќе се потврди нивната ефикасност.
Во написот објавен во германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЗ), како што пренесува Ројтерс, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис вели дека наоѓањето решение за брза дистрибуција на вакцините, кога тие ќе бидат достапни, е тешко, но е итно.
Според германскиот весник, Мицотакис вели дека во моментов најмалку 20 вакцини против ковид-19 се во фаза на развој, од кои повеќето се субвенционирани од одделни влади или добротворни организации.
– Во идеални услови, откако ќе се докаже нивната ефикасност, ваквите вакцини треба да се дистрибуираат што е можно побрзо, фер и по разумна цена – вели Мицотакис, додавајќи дека откупувањето на правата би било стимулација за глобалните фармацевтски компании да продолжат со истражување и развој и би значело разумно трошење на парите на европските даночни обврзници.
Овој грчки предлог неодамна беше поднесен од Елиас Мосиалос, професор по здравствена политика на Лондонската економска школа, кој е претставник на Грција во меѓународните разговори за справување со коронавирусот.
Како што изјави тој за Ројтерс, трошоците за откуп на правата би биле распределени меѓу земјите-членки на ЕУ и ова би било еднократно решение, кое би се користело само во екстремни случаи, како што е пандемија, и не би имало влијание врз одржливоста на медицинската индустрија.
– Откупот на правата за вакви тестови и вакцини на ниво на ЕУ ќе овозможи нивно производство на многу локации и ќе овозможи нивна широка дистрибуција – вели Мосиалос.