Европејците сакаат ЕУ да остане неутрална, барајќи среден пат помеѓу „завојуваните“ големи сили. Исклучок е само Полска, каде што повеќето граѓани сметаат дека Унијата треба да застане на страната на САД во конфликтот со Русија, се наведува во извештајот на Европскиот совет за надворешни работи (ЕСНР)
Европските гласачи претпочитаат Европската Унија да стане силен и независен глобален играч, применувајќи стратегија без конфронтација. Во конфликтите на САД со Кина или со Русија, Европејците сакаат ЕУ да остане неутрална, барајќи среден пат помеѓу „завојуваните“ големи сили. Во речиси сите земји-членки на Унијата, гласачите ја поддржуваат неутралноста и во двете сценарија. Исклучок е само Полска, каде што повеќето граѓани сметаат дека Унијата треба да застане на страната на САД во конфликтот со Русија, се наведува во извештајот на Европскиот совет за надворешни работи (ЕСНР).
Резултатите од најновите истражувања, врз кои се заснова извештајот, покажуваат дека гласачите сакаат ЕУ да биде доволно силна за да избегне да биде само следач на другите сили. Со други зборови, нивното претпочитање на неутралноста на Унијата во геополитичките конфликти, сигнализира дека тие би го поддржале концептот за европски стратегиски суверенитет.
Сепак, еден од клучните предизвици во зајакнувањето на улогата на ЕУ како надворешнополитички играч е надминувањето на тенденциите на националните влади љубоморно да го чуваат нивниот авторитет во оваа област. Истражувањето на ЕСНР сугерира дека овој феномен потекнува од лошата процена на националните влади за расположението на европските гласачи. Гласачите не само што ќе го толерираат лидерството на ЕУ во односите со другите големи сили туку релативно се спокојни со идејата Унијата да ги штити нивните економски интереси, додека демонстрира дека има капацитет да го прави тоа.
Институциите на ЕУ повеќе не ја сметаат Кина само за економски конкурент, туку и за системски ривал. Европските гласачи по сѐ изгледа исто така се загрижени од азиската земја, па, така, не повеќе од десет отсто од испитаниците во земјите-членки сметаат дека ЕУ би требало да застане на страната на Пекинг во актуелната кинеско-американска трговска војна. Но Европејците се многу скептични за капацитетот на Унијата да ги заштити нивните економски интереси во трговските војни – помалку од 20 проценти од гласачите во секоја членка чувствуваат дека интересите на нивната земја се добро заштитени од агресивната кинеска конкурентна политика. Истовремено, во сите членки, освен Австрија, Данска, Франција, Холандија и Шпанија, гласачите генерално сметаат дека националните влади се подобро подготвени да ги заштитат нивните интереси од Кина, во споредба со другите авторитети.
Истовремено, ЕСНР наведува дека повеќето европски граѓани веруваат дека живеат во ЕУ во која повеќе не може да сметаат на безбедносните гаранции од САД. Тоа, пак, сигнализира дека три години од почетокот на мандатот на американскиот претседател Доналд Трамп, европските гласачи изгледаат како да се подготвени да се соочат со суровата реалност на глобалната политика.
Заедно со загриженоста за економијата и нееднаквоста, стресот и стравот што го чувствуваат Европејците имаат длабоки корени во нивната перцепција за безбедносните закани. Дури една третина од граѓаните на ЕУ веруваат дека е можен конфликт помеѓу земјите-членки. Покрај тоа, во секоја членка, освен Шпанија, над 40 отсто од граѓаните веруваат дека е можно Унијата да се распадне во наредните десет до дваесет години. Тие сметаат дека најголема загуба од евентуалниот распад на ЕУ би било губењето на способноста на европските држави да соработуваат за безбедноста и одбраната, како и капацитетот на Унијата да настапува како голема сила во натпреварот со глобалните сили како што се Кина, Русија и САД.
– ЕУ мора да демонстрира дека може да оствари резултати на глобалната сцена, напор во кој националните влади може да помогнат, споделувајќи го успехот со блокот и признавајќи дека немаше да успеат да ги остварат целите на гласачите без поширока соработка на европско ниво. Постигнувајќи успех во клучните надворешнополитички прашања, европските лидери може да го зајакнат кредибилитетот на ЕУ како глобален играч, и тоа, како помеѓу своите геополитички конкуренти, така и помеѓу домашните гласачи, што, пак, за возврат може да ја оправда поблиската координација помеѓу земјите-членки во надворешната политика – заклучува ЕСНР во својот извештај.