Во време на пандемија, јавноста ја пропушти информацијата дека 21 земја-членка на ЕУ, Велика Британија и Норвешка почнаа нова платформа за подобра соработка со своите тајни служби, пишува електронското издание на „Дојче веле“. Како што наведува германскиот медиум, вкупно 23 европски земји воспоставија нова платформа за соработка со своите тајни служби, именувана како Разузнавачки колеџ на Европа (ИЦЕ). Иницијативата е поттикната од францускиот претседател Емануел Макрон во еден говор на универзитетот „Сорбона“ во 2017 година. Неговата цел, како што наведува медиумот, била кога станувало збор за тајни служби, дека Европејците треба да станат независни од информациите што пристигнуваат од САД, Русија или од Кина.
Според „Дојче веле“, функцијата на новата платформа за шпионирање сѐ уште не е јасна. Од потпишаниот документ единствено е јасно што не се сака. ИЦЕ не сака да биде платформа за размена на доверливи информации или заедничко планирање тајни операции.
– ИЦЕ е формирана како необврзувачка платформа, каде што трипати годишно би се среќавале претставници на европските тајни служби, политичари и експерти и би разменувале мислења и искуства на конференции и семинари. Затоа, дијалогот би требало да биде помеѓу луѓе што работат во тајните служби и оние што ги носат политичките одлуки. Макрон во својот говор експлицитно зборуваше за потребата да се развие заедничка стратегиска култура на работа на тајните служби – пишува „Дојче веле“.
Инаку, ИЦЕ не е единствена европска платформа за соработка со тајни служби. Уште во 1969-та е основан Клубот од Берн како место за разменување мислења на шефовите на европските тајни служби. Дополнително, во ЕУ постојат и службени форми на соработка на тајните служби. Покрај полициската служба Европол, од 2003 година постои и Известувачки центар за анализа (ИНЦТЕН) кој е во зависност од надворешната служба на ЕУ. Надвор од ЕУ, европските тајни служби соработуваат и со НАТО, а англосаксонските земји САД, Велика Британија, Канада, Австралија и Нов Зеланд соработуваат во надгледување на телекомуникациите низ светот во рамките на таканаречениот сојуз УКУСА, кој е познат и под името „Пет очи“, а е основан во 1946 година.