Мохамед бин Салман, контроверзниот принц на Саудиска Арабија, малку беше познат пред да стане владетел на земјата. Рашид Секаи, кој го подучувал Салман кога бил дете, за Би-би-си дава поглед одблизу до кралскиот двор.
Предавав во престижно училиште во Џеда на почетокот на 1996 година кога добив неочекуван повик. Гувернерот на Ријад, принцот Абдула бин Абдулазиз Ал Сауд, со семејството привремено се пресели во овој град на Црвеното Море и му беше потребен учител по англиски јазик за неговите деца.
Човекот, кој подоцна стана крал, ме покани во кралската палата со цел да станам приватен учител на неговите деца од неговиот трет брак, меѓу кои и принцот Мохамед.
Живеев во стан во атрактивен дел од градот. Шофер ме чекаше во седум наутро за да ме одведе до училиштето во кое работам. Попладне кога ќе ми завршеа часовите, ме носеше до палатата.
Кога ќе миневме низ строго чуваната капија, автомобилот минуваше покрај куќи од кои застанува здивот, опкружени со беспрекорни градини кои ги одржуваа работници во бели униформи. Имаше и возен парк – цела флота луксузни автомобили.
На влезот од кралската палата ме пречека директорот на објектот, Мансур ел Шар, средовечен маж со кого тогаш 11-годишниот принц Мохамед беше исклучително близок.
Мохамед повеќе го интересираше времето да го минува со кралските стражари отколку да ги следи моите предавања. Беше најстар од сите деца, па изгледа мислеше дека може да прави што сака.
Се сеќавам како на часовите користеше токи-воки, кое го имаше позајмено од еден од стражарите. Правеше шеги на моја сметка и ги пренесуваше со токи-вокито на своите браќа и на стражарите.
Во една прилика се зачудив кога Мохамед ми рече дека неговата мајка кажала оти делувам како „вистински џентлмен“. Мислев дека се немаме запознаено зашто жените од саудискиот двор не се појавуваа пред странци, а единствена жена што ја имав стретнато беше дадилка од Филипините.
Не бев свесен дека сум под надзор додека идниот наследник не го впери прстот кон една од сигурносните камери. Од тој миг претерано свесно ги водев часовите и многу внимавав што зборувам.
За брзо време го засакав Мохамед и неговите помлади браќа. Иако предавав на принцови во свет полн со привилегии, моите кралски деца, исто како и децата од училиштето во кое предавав, имаа желба за знаење, ама и за играње.
Еден ден, директорот на палатата, Мансур ел Шар, ме замоли да се сретнам со идниот крал, кој сакаше да знае како напредуваат неговите деца. Сметав дека состанокот ќе биде добра прилика за да го споменам палавото однесување на принцот Мохамед.
Чекав пред канцеларијата, заедно со другите учители, кои изгледаа подобро упатени во кралските протоколи.
Кога се појави пред нас, учителите веднаш станаа, а јас запрепастено гледав како еден по еден му приоѓаат на гувернерот на Ријад, му се поклонуваат, му ги бакнуваат рацете, во најкратки црти му раскажуваа за децата и потоа се повлекуваа.
Кога ми дојде мене редот, не можев да се однесувам како другите. Бев на чекор од потполна парализа, па ја испружив раката и ја стегнав неговата рака и силно ја протресов. Се сеќавам на благата насмевка и зачуденост на неговото лице. Сепак, не ми замери за тоа што го направив. Не му споменав како на моите часови се однесува принцот Мохамед, затоа што додека бев таму, одлучив дека ќе се откажам од часовите и ќе се вратам во Лондон.
После тоа Ел Шар ми одржа остра лекција што не се држев до кралските правила на однесување.
Освен на принцот Калид, кој беше именуван за амбасадор на Саудиска Арабија во САД, другите кралски деца на кои им држев часови одлучија да се држат подалеку од очите на јавноста.
Денес тој краток учителски мандат го сметам за многу важна епизода во животот, додека го гледам некогашниот ученик како станува важна личност на светската политичка сцена.