Досегашниот полски претседател Анджеј Дуда е близу до победа на претседателските избори одржани во неделата, покажуваат резултатите објавени денес, врз основа на 99,97 проценти од гласовите.
Неговата победа ќе им овозможи на владејачките националисти да ги продлабочат своите конзервативни реформи, пренесува агенцијата „Ројтерс“.
Дуда, кој е поддржан од владејачката конзервативна партија Право и правда (ПиС), доби 51,2 проценти од гласовите, соопшти Националната изборна комисија.
Комисијата на прес-конференцијата истакна дека остатокот од гласовите што допрва треба да се бројат не можат значително да ги променат резултатите.
Либералниот градоначалник на Варшава, Рафал Трзасковски, кандидатот на најголемата опозициска партија на центристичката Граѓанска платформа, добил 48,8 отсто од гласовите.
Конзервативниот претседател уште на почетокот беше изразен фаворит во трката. Критичарите неговата кампања ја оценија како зајадлива, исполнета со хомофобични тонови и напади врз независните медиуми.
Инаку, поради пандемијата на коронавирус, на изборите за прв пат на сите граѓани им беше дозволено дописно гласање.
Право на глас имаа околу 30 милиони луѓе, вклучително и 500.000 Полјаци во странство.