Поранешниот француски претседател Шарл де Гол рече дека е невозможно да се управува со држава со 258 вида на сирење. Тој го потцени проблемот. Всушност, Франција има на илјада вида на сирење, пишува „Политико“.
Неговиот наследник Емануел Макрон би можел поинаку да го постави прашањето. Како да се справите со протестно движење во кое учествуваат групи со барем 10 различни и честопати контрадикторни гледишта.
Саботните улични протести против француските здравствени сертификати продолжија и месецов, наспроти очекувањата. Дури добија на бројност, од 114 илјади на национално ниво на 17 јули до 237 илјади на 7 август, пред благиот пад на 215 илјади изминатата сабота.
Меѓу демонстрантите има претставници на антисемитистичката екстремна десница, антикапиталистичката екстремна левица, како и анархисти, католички фундаменталисти, поборници на теориите на заговор, но и угостители и здравствени работници. Незадоволство изразија и многумина кои тврдат дека првпат излегуваат на протест, што се должи на нивната недоверба кон вакцините и противењето за навидум задолжителната вакцинација. Анкетите покажуваат дека демонстрантите имаат поддршка од секој трети француски државјанин.
Употребата на здравствените сертификати, со кои се бара негативен тест, доказ за прележан коронавирус или за вакцинација, во Франција стапи на сила на 9 август. Без сертификатите не може да се влезе во угостителстките објекти, во кино-салите, театрите и музеите, како ниту во јавниот превоз на подолги дистанци. Здравствените работници се соочуваат со суспензии и откази ако не се вакцинирани до 15 октомври, според истиот закон.
Се смета дека законот е триумфален од еден клучен аспект, бидејќи повеќе од 10 милиони Французи примија први дози вакцини откако Макрон го објави неговото воведување на 12 јули. Според сегашното темпо на вакцинација се очекува 50 милиони луѓе над 12-годишна возраст да имаат примена прва доза до крајот на месецов, што претставува 86,6 отсто од оваа старосна категорија, односно 89 отсто од возрасната популација.