Акцијата за спасување на дванаесетте момчиња и нивниот фудбалски тренер од пештерата во Тајланд би можела да трае со месеци, откако тие вчера беа пронајдени по деветдневна потрага, според информациите од тамошната војска која учествува во напорите за нивно извлекување, пренесува британски „Гардијан“.
Момчињата на возраст од 11 до 16 години и нивниот 25-годишен тренер беа пронајдени вчера од тим на британски нуркачи, во поплавените пештерски систем во тајландската провинција Чијанг Раи.
Инженерите со помош на пумпи ја извлекуваат водата од пештерата во изминатава недела, со што до вчера беа извлекувани 10 илјади литри вода на час, а нивото се спушташе за еден сантиметар на секои 60 минути. Но, најавените врнежи во претстојните денови би можеле да значат оти спасувачите ќе треба да чекаат неколку месеци за нивото на вода да се спушти на безбедно ниво.
– Се подготвуваме да испратиме залихи на храна кои ќе им бидат доволни во наредните четири месеци, а ќе ги обучиме сите тринаесетмина да нуркаат, додека ја извлекуваме водата од пештерата – кажа Ананд Сураван од тајландската морнарица.
Двајца членови на морнарицата им се придружија на заробените момчиња од кои ниту едно не знае да плива, со цел да им пружат лекарска помош и да внимаваат на нив додека трае акцијата. Децата се во стабилна состојба и се слушнаа со нивните родители преку поставените телефонски линии од страна на спасувачите.
– Најдобро за нив е да ги оставиме таму каде што се и да ја стабилизираме нивната средина, за да осигуриме оти ги имаат потребните услови. Да ги одржуваме на топло и суво, како и да им пружиме храна, вода за пиење и чист воздух – порача австралискиот спасувач Питер Вулф.
Групата се наоѓа на растојание помеѓу 800 и илјада метри под земјата, на два километри во внатрешноста на пештерата, во која се претпоставува дека се загубија на 23 јуни, откако беше поплавена во врнежите.
Повеќе од една илјада припадници на тајландската армија се наоѓаат на терен, заедно со спасувачки екипи од седум држави.