Поранешниот американски претседател Доналд Трамп и неговата сопруга Меланија биле вакцинирани против ковид-19 во јануари, додека сè уште биле во Белата куќа, пренесуваат светските медиуми, повикувајќи се на анонимни извори.
Трамп никогаш јавно не кажа дека е вакциниран, додека новоизбраниот американски претседател Џо Бајден се вакцинираше на 21 декември, што беше пренесувано во живо на телевизија, неколку недели пред да стапи на функцијата.
Вакцинацијата на актуелната потпретседателка Камала Харис исто така беше емитувана на телевизија во живо во декември, а поранешните претседатели Барак Обама, Џорџ В. Буш и Бил Клинтон доброволно се пријавија да примат вакцини пред камера во декември, за да ја зголемат довербата на јавноста во безбедноста во вакцината.
– Претседателот Трамп и првата дама беа вакцинирани во Белата куќа во јануари – изјавил извор близок на поранешниот претседател, без да наведе други детали.
Доналд Трамп завчера изјави дека „сите треба да се вакцинираат“, во својот прв јавен говор по напуштањето на Белата куќа.