Приврзаникот на џихадистичката група Исламска држава (ИД), Рахмат Акилов, кој минатата година при напад со камион во пешачка улица во Стокхолм усмрти пет лица, денеска е осуден на доживотна затворска казна.
– Судот смета дека обвинетиот е виновен за извршен терористички чин, при што сторил пет убиства и предизвикал закана за јавната безбедност, се наведува во одлуката на Окружниот суд во Стокхолм.
Четириестгодишниот Акилов, по националност Узбек, кој аплицирал за азил во Шведска, е обвинет за убиства и за обиди за убиство од терористички побуди.
Во текот на процесот Акилов призна дека го извршил нападот со цел да ја казни Шведска поради нејзиното учество во меѓународната антиџихадиситичка коалиција, која се бори пртотив ИД во Сирија и Ирак,
Акилов го изврши нападот на 7 април минатата година, кога со камион за превоз на пиво влета во пешачка улица, при што уби тројца Швеѓани, меѓу кои и едно 11-годишно девојче, еден Британец и една Белгијка. При нападот беа повредени уште 14 други лица.
Иако Акилов за нападот се повикуваше на ИД, џихадистичката група не презеде одговорност за него.