Претставниците на партијата „Продолжуваме со промената“ (ПП), која победи на парламентарните избори во Бугарија, како и претставниците на Бугарската социјалистичка партија (БСП), „Има таков народ“ (ИТН) и „Демократска Бугарија“ (ДБ) се договорија за сите точки, со што Договорот за идната коалициска влада е готов. Останува само во утре да го одобри Националниот совет на БСП, објавија бугарските медиуми.
Последните несогласувања беа расчистени на денешниот состанокот во Националното собрание, на барање на БСП. Постигнувањето на договорот го потврди и претседателката на бугарските социјалисти Корнелија Нинова.
– Постигнавме согласност за коалицискиот договор. Утре следува одлука на Националниот совет на БСП – изјави претседателката на БСП, Нинова по состанокот.
Во меѓувреме, актуелниот технички премиер на Бугарија, Стефан Јанев, пред новинарите во Народното собрание, потврди дека добил покана да биде министер за одбрана во коалициската влада што се подготвува. Јанев беше воен министер во привремената влада на Огњан Герџиков во 2017 година.
Претходно, копретседателот на „Продолжуваме со промената“, Асен Василев, рече дека очекува во петок се да биде готово.
Четирите политички сили се уште не соопштуваат кога планираат да го потпишат договорот. Откако ќе го потпишат, се очекува претседателот на Бугарија, Румен Радев, да му го врачи мандатот на Кирил Петков, кој ќе биде предложен за премиер.