Директорот на Федералното истражно биро (ФБИ), Кристофер Вреј, во сведочењето пред комитет на Сенатот кажа дека ФБИ не видело докази што покажуваат оти демонстрантите кои учествувале во нападот на 6 јануари биле „лажни поддржувачи на Доналд Трамп“, со што го негираше неоснованото тврдење на републиканскиот сенатор Рон Џонсон, истакнато во обид за минимизирање на ефектот од насилството сторено од симпатизерите на поранешниот американски претседател, објавува Си-ен-ен.
– Со сигурност не видовме докази за таква појава – кажа Вреј, одговарајќи на прашањето дали ФБИ забележало докази за „лажните поддржувачи на Трамп“.
Повеќето републиканци во комитетот не ги прифатија овие теории на заговор, но тврдењето дека на протестот биле уфрлени левичари одговорни за упадот во Конгресот беше промовирано од адвокатите кои го застапуваа Трамп во процесот за импичмент, како и на дел од републиканците.
Вреј нагласи дека Антифа и другите левичарски групи не учествувале во насилството на 6 јануари, кое тој го нарече „домашен тероризам“, иако дел од републиканците се обидуваа да го искористат сослушувањето да ја посочат заканата од тие групи, наместо да се насочат кон нападот на Конгресот.
Повеќе од 260 лица, од кои многумина изразија приврзаност кон Трамп, беа обвинети за нивните постапки при упадот во Конгресот.
Згора, Вреј сведочеше дека ФБИ не забележало докази за изборна измама што би влијаела врз исходот на претседателсите избори, отфрлајќи ги лажните тврдења кои ги повторуваа Трамп и неговите сојузници за време на претседателската кампања.