Родители, невработени лица и млади во Шпанија биле фатени како одгледуваат дрога во нивните домови со цел дополнително да заработат пари, пренесува дневниот шпански весник „Ел Паис“, во текстот насловен „Децата во едната соба, канабис во другата: Менувањето на шпанската трговија со марихуана“.
Одгледувањето на неколку растенија марихуана во сопствениот дом лесно може да се изведе незабележливо. Со малкy труд, може да се прикријат мирисот и бучавата кои би привлекле внимание. За оние кои се внимателни, тоа се лесни пари.
Тие го засадуваат семето, го забрзуваат растот со светилки и ја собираат жетвата. Одгледувачите не се вклучени во сушење на производот или во неговата дистрибуција. Тоа им е оставено на големите организации кои плаќаат од 600 до 1.000 евра месечно за собраниот канабис.
– Овој тренд се шири низ јужната шпанска провинција Малага и е слеп за полот, возраста, семејната состојба или социјалната положба. Нема вообичаен профил – соопшти полицијата.
Според Министерството за внатрешни работи, националната полиција запленила речиси 3,5 тони канабис во Малага во 2018 година, што е двојно повеќе од количеството во 2017 година, во која беа запленети вкупно 34,5 тони ширум Шпанија.
Казните за одгледување марихуана не се многу сериозни. За поседување помалку од 10 килограми се добива затворска казна од една до две години, а многумина од оние кои спаѓаат во оваа категорија избегнале отслужување на затворската казна тврдејќи дека тоа било за нивна лична употреба. Ова го олесни производството на марихуана во мали количества, за се поголем број луѓе.
Постојат сторители кои го повторуваат делото.
– Во последните две години, три пати пронајдовме марихуана во еден ист стан – велат од полицијата.
Од полицијата додаваат дека покрај одметници, со нелегално одгледување марихуана се занимаваат и луѓе кои имаат стабилна работа бидејќи, како што велат тие, заработката од одгледување на марихуана е поголема.
– Одгледувањето марихуана во домовите е само дел од огромниот синџир поврзан со шверц, оружје и со други видови на криминал. Она што е во позадина не треба да се заборави – вели портпаролот на полицијата.