Детската парализа е искоренета во Африка, по повеќедецениските заеднички напори на меѓународните здравствени тела, како и на националните и локалните власти и волонтери. Последните случаи биле регистрирани во Нигерија пред четири години, со што оваа болест сега може да се забележи само во Пакистан и Авганистан, пренесува Би-би-си.
Денес, повеќе од 95 отсто од населението во Африка е вакцинирано. Пред една деценија во Нигерија беа забележани половина од светските случаи на детска парализа.
Детска парализа е заразна болест која се пренесува од човек на човек најчесто преку загадена вода. Таа може да доведе до парализа така што го напаѓа нервниот систем.
Доктор Џонас Салк во 1952 ја разви вакцината против детска парализа, а девет години подоцна, Алберт Сејбин го воспостави оралниот начин на нејзино примање, кој потоа почна да се користи во најголем дел од државните националните програми за имунизација во светот.