Лидерката на Хонгконг, Кери Лам, изјави дека се сретнала и разговарала со група млади луѓе за протестите кои се случуваат во овој посебен кинески административен регион, но нема напредок ниту по едно барање од демонстрантите.
Лам истакна дека на затворениот состанок денеска го објаснила ставот на Владата за петте барања на антивладиното движење.
Таа ги оспорила критиките дека владата ги игнорира демонстрантите, чии барања вклучуваат демократски избори, откажување од обвинувањата против уапсените демонстрани и независна истрага за употреба на прекумерна сила од страна на полицијата.
Во Хонгконг повеќе од два месеца траат протести во кои учествуваат главно млади луѓе и кои повремено ескалираат во насилни.
Антивладините протести беа поттикнати од контроверзниот закон за екстрадиција на жители од Хонгконг за судења во Кина. Лам призна дека владата направила грешка со овој закон, но протестите прераснаа во демонстрација на општо незадоволство од работата на властите.
Лидерката минатата недела најави платформа за дијалог во која ќе бидат вклучени и демонстрантите, додека опозициските лидери во поранешната британска колонија ја доведоа во прашање искреноста на нејзината иницијатива, нарекувајќи ја тактика на одложување.