Светската здравствена организација вели дека бројот на инфицирани и на смртни случаи од ковид-19 расте на светско ниво, што се должи на високозаразниот делта-сој, кој сега е регистриран во 124 земји и може да стане доминантен во светот за неколку недели
Делта-сојот им нанесе сериозен удар на десетици земји во развој, каде што нивото на вакцинација не е доволно за да се спречи напливот на нови зарази да прерасне во бран на смртни случаи, како што пренесе „Фајненшел тајмс“.
Додека почнуваа да се отвораат економиите во Европа и во САД, кои успешно ја ослабија врската меѓу инфекциите и смртните случаи, посиромашните земји со ниска стапка на вакцинација во некои случаи влегоа во најлошата фаза од пандемијата.
Експертите велат дека Индонезија стана нов епицентар на пандемијата, додека таа се влошува во Југоисточна Азија. Во меѓувреме беа пријавени неколку случаи на коронавирус кај спортистите во Олимпиското село во Токио, токму пред свеченото отворање на Летните олимписки игри.