Деновиве во Вашингтон се одржа важна средба меѓу претседателот на САД, Џо Бајден, и германската канцеларка Ангела Меркел, која го привлече вниманието на јавноста во светот. Двајцата лидери разговараа на многу теми поврзани со односите меѓу двете земји, разликите околу гасоводот „Северен тек 2“, ставовите кон Кина и Русија, климатските промени, како и развојот на глобалната трговија и безбедноста во светот. Од интерес на јавноста и читателите, весникот „Нова Македонија“ интегрално ја пренесува декларацијата објавена од Белата куќа
Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) и канцеларката на Германија ја потврдија нивната посветеност за блиска билатерална соработка во промовирањето на мирот, безбедноста и просперитетот во светот.
Темелот на нашата врска е заедничката посветеност на демократските принципи, вредности и институции. Заедно ќе го поткрепиме владеењето на правото, ќе ја промовираме транспарентноста и доброто владеење, а ќе ги поддржиме граѓанското општество и независните медиуми. Ќе ги браниме правата и достоинството на сите поединци, а ќе се спротивставиме на неправдата и на нееднаквоста секаде каде што ќе се појават. Ние ги поддржуваме универзалните вредности што се во срцето на Повелбата на Обединетите нации (ООН) и сме согласни во нашата заложба за унапредување на почитувањето на човековите права насекаде, вклучително со отфрлање и заедничко одговарање на кршењето на човековите права. Ние мора да дејствуваме сега за да покажеме дека демократијата ги исполнува ветувањата за нашиот народ дома и дека демократското лидерство ги исполнува ветувањата за целиот свет.
Ние се обврзуваме да го браниме отворениот свет. Низ светот, сите нации мора да бидат слободни за да ги одредат нивните политички иднини без странско мешање, притисок или доминација на надворешни сили. Како две нации чии економии зависат од слободниот проток на стоки низ целиот свет, ние ја потврдуваме критичната важност на слободите на навигација и на прелети, како и други важечки употреби на морињата, во согласност со меѓународниот закон. Оваа визија не е остварлива во еден свет што е поделен на конкурентни сфери на влијание и ние ќе се спротивставиме на обидите за нивно создавање, било да е тоа е преку обиди за територијална анексија, контрола на дигиталната инфраструктура, транснационална репресија или оружени енергетски текови.
Повеќе од три децении по повторното германско обединување, ние ќе продолжиме да работиме неуморно за Европа што е цела, слободна и во мир. Онаму каде што надворешните сили претставуваат препреки за реализација на оваа визија, ние ќе се здружиме за колективно да ја зајакнеме нашата одбрана, да ја развиеме нашата отпорност и да ја зацврстиме нашата солидарност. НАТО ќе остане камен-темелник на овој напор, а нашата посветеност на членот 5 е непоколеблива. Ние ја истакнуваме потребата да ги надградиме нашите сојузи и партнерства за предизвиците што претстојат, вклучително и сајбер-нападите, енергетската безбедност, дезинформациите, корупцијата, назадувањето на демократијата и мешањето во нашите избори.
Ќе работиме заедно за да осигуриме дека правилата, нормите и стандардите што ги регулираат новите технологии се насочени кон слободата наместо кон репресијата. Бидејќи технологијата ги преобликува животите на нашите граѓани, националните економи и геополитичките средини, таа мора да ги одразува нашите суштински демократски вредности. Ние ќе ја продлабочиме соработката меѓу нашите научници, инженери и математичари за да осигуриме дека најголемите иновации на овој век го унапредуваат демократското управување наместо авторитарноста. Државите треба да ги заштитат правата на граѓаните, а ние ќе се спротивставиме на употребата и ширењето на надзорните технологии за неправилно ограничување на примената на човековите права.
Ние ја препознаваме нашата одговорност да водиме во развојот на глобални решенија за заедничките предизвици. Животите на нашите граѓани се предмет на нарушување од низа меѓународни сили што бара колективен одговор. Ние сме посветени на преземање итна акција за решавање на климатската криза, вклучително и започнување на Партнерството за клима и енергија за да се продлабочи соработката за политиките и енергетските технологии што се потребни за забрзување на транзицијата кон елиминирање на емисиите на стакленички гасови. Ние ќе работиме да ги зајакнеме глобалното здравје и здравствената безбедност, вклучувајќи ја отпорноста од идни епидемии. Ќе работиме неуморно кон одржлива светска економска обнова изградена на праведна, инклузивна, одржлива светска економија за 21 век базирана на правила. Со заедничка сила и остроумност, ние ќе иновираме нови решенија на овие нови предизвици и заедно ќе работиме билатерално, како и во Г7 и во Г20, за да обезбедиме мултилатерален систем, вклучувајќи го системот на ООН што ќе одговори на потребите на нашето време.
По крајот на Втората светска војна, безброј луѓе од сите сфери на животот, вклучително и деловната и научната, граѓанските и општествените организации, институтите и академските мрежи, ја зајакнаа и продлабочија врската меѓу нашите две нации. Како траен показател на нашата билатерална врска и нашата посветеност на горенаведените принципи, ние го започнуваме Форумот за американско-германска иднина што целосно ќе ги употреби експертизата и иновативната моќ на нашите општества и ќе препорача решенија за заеднички да ја обликуваме нашата иднина. За да ја олесниме соработката околу клучни економски прашања, ние исто така ќе воведеме и Американско-германски економски дијалог.
Џозеф Р. Бајден Помладиот Ангела Меркел 15 јули, 2021 г.