Францускиот претседател, Емануел Макрон, и рускиот претседател, Владимир Путин, се согласиле за потребата од деескалација на мигрантската криза на полско-белоруската граница иако не се согласиле за нејзините причини, изјави денеска француски претставник.
„Целта на телефонскиот разговор меѓу претседателите беше да се стави крај на таа криза“, рече советникот на Макрон по разговорот одржан на иницијатива на францускиот претседател, кој траел еден час и 45 минути.
„По прашањето за миграцијата, иако не се согласуваме за причината за актуелната криза на белоруската граница, Путин му рече на претседателот дека ја разбира потребата да ѝ се стави крај, пред сѐ, поради човечкото достоинство на мигрантите кои се инструментализирани“, додаде советникот.
Кремљ соопшти дека Путин повторил оти европските лидери треба за ова прашање директно да разговараат со белорускиот претседател Александар Лукашенко. Во разговорот тој го критикувал и третманот на мигрантите од страна на полските безбедносни сили на границата.
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, исто така денеска разговараа за кризата. Тие се согласиле да ги координираат своите идни чекори.
Украина стравува дека ќе стане нов фокус на мигрантската криза за која ја обвинува Русија. Денеска, ЕУ одлучи да воведе нови санкции кон Минск.