Доказот за вакцинација или имунитет може да овозможи побрзо отворање на државите, но во исто време европските активисти се загрижени за заштита на приватноста
Додека државите низ светот брзаат да го вакцинираат своето население против коронавирусот, а со тоа сè почесто стануваат актуелни предлозите за воведување таканаречени потврди за имунитет, познати и како имунитетски пасоши, со што повторно би се нормализирал животот, во рамките на ЕУ кај европските активисти постои загриженост за заштита на приватноста. Како што пренесува „Политико“, по иницијативата на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис до Европската комисија, со која се бара заеднички пристап за воведување некаква форма на вакцинациска потврда што ќе биде усвоена од страна на сите членки во Унијата, имунитетскиот пасош веќе наиде на добро познатата пречка, а тоа е приватноста.
Податоците за вакцинираните јавно достапни
Во меѓувреме, противниците на овие планови тврдат дека со ваквите пасоши би се загрозило основното право на Европејците и би се направила категоризација меѓу луѓето според здравствениот статус, би им се скратил пристапот до секаков вид јавни услуги на невакцинираните и би се отворила вратата кон понатамошно следење на нечија здравствена состојба. Магазинот „Форин полиси“ на истава тема, во својата анализа за воведување вакцинациски потврди, пишува дека уште во октомври Естонија склучила договор со Светската здравствена организација за развивање дигитален имунизациски сертификат што ќе овозможи прекугранична размена на вакцинациски податоци. Според магазинот, неодамна и естонскиот пратеник Јури Ратас истакнал дека ја поканил Финска да учествува во ваквата стратегија. Во исто време, унгарската влада соопшти дека за влез во државата, посетителите ќе треба да го приложат својот вакцинациски статус преку апликацијата за имунитет на ковид-19. Слично како Унгарија, и Исланд од 10 декември ги укина негативниот ПЦР-тест и задолжителниот карантин при влез во државата доколку посетителите покажат потврда дека ја прележале болеста. Ваквите потези следуваа по примерот на Израел, кој води во светот по бројот на вакцинирано население. Државата исто така воведе апликација што им овозможува на вакцинираните да присуствуваат на културни и спортски настани, како и да патуваат без да бидат ставени во задолжителен карантин. Сево ова, според угледниот медиум, укажува дека секоја држава ќе има детални податоци за секој што ќе влегува или излегува во однос на тоа дали има или не вакцина, што може да предизвика дискриминација, но и кршење на правото за приватност.
Задолжителна вакцина за влез во авион?
Сепак, покрај ваквите барања на државите, сличен став имаат и авиокомпаниите, кои најверојатно ќе воведат задолжителен негативен тест на коронавирус или потврда за имунитет пред секој лет. Австралискиот авиопревозник „Квантас“ веќе одамна ги претстави своите планови за задолжително барање за вакцинациски доказ за секој патник, додека нискобуџетната авиокомпанија „Рајанер“во својата најнова маркетиншка кампања веќе сигнализира дека патниците ќе треба да се вакцинираат пред да ги користат нејзините услуги. Едно здружение на организации, меѓу кои се технолошкиот гигант „Ај-би-ем“ и Меѓународната асоцијација на авиотранспорт (ИАТА), веќе анализира како ваквите системи би се покажале во практика, иако во рамките на патничката индустрија веќе има силно негодување.
Франција против имунитетскиот пасош
Но, сепак, некои други членки на ЕУ имаат силни противења околу ковид-пасошот. Една од нив е Франција, чие население е најмногу против вакцините, наведува „Еуроњуз“. Државата веднаш ја отфрли можноста за воведување имунитетски пасоши, покрај интересот на неколку истакнати здравствени експерти. Ланскиот извештај на истражувачкото тело за вештачка интелигенција на институтот „Ада Лавлејс“ наведува дека имунитетските пасоши „би претставувале екстремно висок ризик во однос на општествената кохезија, дискриминацијата, отфрлањето и ранливоста“. Во своја изјава за локалните медиуми директорката на институтот Карли Кинд смета дека користењето таков вид систем ќе значи дека имунитетот ќе добие статус на етничка припадност или раса. Лани европскиот шеф за заштита на личните податоци Војчех Виворовски рече дека идејата за имунитетски пасоши е „екстремна“ и повеќепати изрази загриженост за ваквата идеја.