Дали Аргентина е новото бојно поле на глобалната битка со коронавирусот и може ли последните случувања со ковид-19 во земјата со популација од 45 милиони жители да ја влошат светската борба за сузбивање на пандемијата. Овие дилеми се актуелни деновиве во светските медиуми, откако катастрофата што се развива во Аргентина поради преоптоварениот здравствен систем се чини дека е најсериозна за светот, бидејќи во земјата со многубројна популација нема доволно болнички кревети, пристап до тестови, а уште помалку лекови или кислород за инфицираните.
Угледниот магазин „Политико“ во својот осврт на случувањата во земјата пишува дека она што е сериозно во Аргентина е тоа што земјата е со кревок здравствен систем и уште послаб надзор од властите, каде што хаотичната состојба со коронавирусот има огромна можност од локално да премине на глобално ниво, бидејќи вакви слики со толкави зарази од ваков обем сè уште не се забележани во пандемијата.
– Навистина, шансите за колапс се многу реални. Аргентина бележи рекордни нивоа на зараза. Минатата недела имаше 41.000 нови случаи само во еден ден. Од почетокот на пандемијата, државата со 45-милионско население има над 3,8 милиони случаи и речиси 80.000 смртни случаи, со стапка на раст во нагорен тренд, кога стапките во другите земји полека почнуваат да се намалуваат – вели Карола Мартинез, преставник на аргентинските здравствени власти.
Земја во светот со најмногу смртни случаи
Во меѓувреме, во последниве две недели Аргентина се рангира меѓу трите држави со најголем број смртни случаи по жител. Според податоците на Аргентинското друштво за интензивна нега, во осум од вкупно 23-те провинции во државата се зафатени околу 95 отсто од креветите за интензивна нега, а во други пет зафатеноста изнесува 90 отсто, вклучувајќи ги и капацитетите во главниот град. Владата соопшти дека на ниво на целата држава, дури 78 отсто од леглата за интензивна нега се зафатени.
– Многу фактори работат против нас – вели Антонио Алварез, кој застана на чело на болничката управа во февруари 2020 година во главниот град.
Тој во април напиша и отворено писмо, кое брзо се прошири на социјалните мрежи, повикувајќи ги властите да го вратат строгиот карантин, за смирување на заразата.
Кризата во Аргентина голем проблем за светот
Паралелно со ова, како што наведуваат новинските агенции, поради големиот број смртни случаи, аргентинските власти деновиве вршат масовни лекувања на необични локации, притоа употребувајќи ја алтернативната медицина. Според генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејезус, се прави сѐ што може за болниците да се снабдат со материјали и основна опрема, како што се концентратори на кислород, подвижни теренски болници и лабораториска опрема. Инаку, првата мутација на ковид-19 е блиска на оние регистрирани случаи во Јужна Африка и во Бразил. Сепак, втората варијанта на овој вирус, која многу веројатно е главен причинител за новиот бран на зарази во Аргентина, а е забележана и во Калифорнија, САД, е првпат каде што двата соја сега се појавуваат заедно. Според СЗО, оваа мутација треба да се следи, но сè уште нема доволно податоци за да се утврди дали станува збор за „опасен сој“ на коронавирусот од кој треба да стравува светот.
Од друга страна, според експертите, економските штети се веќе многу видливи во место како што е Морено, општина лоцирана на работничката периферија од Буенос Аирес. Тука степенот на сиромаштија го надминува националното ниво за речиси 10 процентни поени, а сиромаштијата со пандемијата ги зема животите на луѓето секојдневно.