Огромен шумски пожар во Украина беснее повеќе од една недела, на само еден километар од напуштената нуклеарка во Чернобил, предупредува организацијата „Гринпис Русија“. Од организацијата велат дека пожарот претставува ризик од радијација.

Украинската служба за вонредни ситуации соопшти дека уште се бори со пожарите, но дека ситуацијата е под контрола, пренесува „Ројтерс“.

На видео-снимките, што ги објави агенцијата во неделата, може да се види црн чад, дрвја како горат, а пожарникарите од хеликоптери се обидуваат да го угаснат огнот. Фотографиите од воздух во забранетата зона 30 километри од местото на најголемата светска нуклеарна несреќа, до која дојде во 1986 година, покажуваат изгорена и поцрнета земја и јагленисани стебла.

Службата за вонредни ситуации соопшти дека нивото на радијација во забранетата зона не се променило, додека во регионот на Киев, не се надминати вообичаените нивоа.