Бројот на апсењата од страна на граничната служба на САД во ноември, се зголемил за 78 проценти во однос на истиот месец претходната година, и претставува највисок број гранични апсења за време на мандатот на претседателот Доналд Трамп, пренесува магазинот „Тајм“.
Граничната служба направила 51.856 апсења во ноември, од кои 25.172 уапсени биле луѓе кои патуваат како семејства или одвоено, речиси четирипати поголема бројка од истиот месец минатата година. Од уапсените, 5.283 биле деца без придружба, односно 33 проценти повеќе од минатата година.
Многу семејства и деца, претежно од Гватемала, Ел Салвадор и Хондурас, им се предаваат на агентите од граничната служба откако ќе ја поминат границата, барајќи азил. Тие посочуваат дека стравуваат да бидат вратени дома, што спречува нивно депортирање. На мигрантите обично и закажуваат судење и ги пуштаат од притвор набргу по апсењето.
– Апсењата од ноември се предвидлив резултат на нефункционалниот имиграциски систем и на недостатоците во судството – вели Кети Валдман од Одделот за национална безбедност.
Таа ги обвини судиите од Апелационен суд кои постојано ги блокираат напорите на администрацијата на Трамп да ги ревидира полисите за имиграција со извршна акција.
– Последици на лошите судските пресуди за имигранти доведоа до кршење на нашиот национален суверенитет од страна на 25 илјади луѓе кои моментно се имуни на последиците од нивните нелегални постапки – изјави Валдман.
Трамп на границата со Мексико испрати 5.600 војници во ноември, откако голем караван мигранти од Централна Америка помина низ Мексико со цел да стигне до граничниот град Тихуана, кој се наоѓа јужно од Калифорнија.