Најновото јавно обраќање на претседателот на САД, Доналд Трамп, повторно отвори бројни контроверзи во американската јавност. Неговиот говор во ударниот телевизиски термин, за имиграционата политика, побарувањата за ѕидот кон Мексико и блокадата на Владата повторно ја брануваше јавноста, поттикнувајќи ги медиумите да најдат начин како точно и транспарентно да ги информираат луѓето, без да пренесат некоја лага која е вметната во говорот на претседателот на најмоќната земја на светот.
Весникот „Вашингтон пост“ спроведе анализа преку која заклучи дека телевизиските мрежи „запливаа“ во непознати води по претседателскиот говор, не поради тоа што Трамп е првиот претседател кој говорел во „прајм тајм“ терминот, туку бидејќи тој не наликува, ниту се однесува, како неговите претходници на функцијата.
– Тој се разликува од претходните претседатели поради тоа што редовно и рутински кажува работи кои не се точни – изјави Мајк Анани, експерт за медиуми и технологија во училштето Аненберг за комуникација и новинарство.
Влогот за медиумите е висок, бидејќи бројот на лаги кои ги дистрибуира Доналд Трамп, без разлика дали се во етер на телевизија или на неговиот твитер-профил е огромен, се наведува во анализата. Заклучно со крајот на 2018 година, Трамп објавил или кажал 7.645 лажни или погрешни тврдења откако е претседател, тврди „Вашингтон пост“. Членови на неговата адмистрација исто така продолжуваат да објавуваат неточни бројки за тоа колку терористи се уапсени на границата со Мексико, кои пак, националните телевизии ги пренесуваат.
Според податоците на „Медиа Квеинт“, до крајот на неговата кампања во 2016 година, Трамп добил медиумски простор во вредност од пет милијарди долари, значително поголема сума од онаа на неговата противкандидатка Хилари Клинтон.
Токму поради оваа причина, се отвораат дилеми за телевизиските мрежи и локалните ТВ-станици во САД кои имаат намера да ги исполнат главните цели на новинарството, односно да пренесат „точна и прецизна информација“. Во исто време, овие медиуми се под целовремен притисок да не ги пропагираат лажните изјави на претседателот, кои постојано се појавуваат во јавноста, особено во периодот кога тој е во директна конфронтација со Демократите за обезбедување на средства за изградба на ѕидот со Мексико, како и поради тековната делумна блокада на владата на САД.
– Предизвикот со кој се среќаваат медиумите се состои во тоа што тие не сакаат да овозможат платформа за информирање на јавноста на некого кој постојано лаже, но во исто време, тој сепак е претседател на САД, кој има многу моќ и продолжува да ја користи во свои цели – изјави Анани за „Вашингтон пост“.
Тој дополни дека медумите треба да ги препознаат и в лице да му ги обелоденат лагите на претседателот, бидејќи тој лаже континуирано, и тоа да го направат во реално време.
Експертите сметаат дека телевизиските мрежи, за да го спречат дезинформирањето на јавноста и да ги превенираат лагите на Трамп, можат да искористат различни видови на мерки како што се инсистирање на добивање на копија од говорот пред тој јавно да се обрати или неколку минути да го одложат говорот за во реално време да ги проверуваат информациите кој тој ги презентира на јавноста.
Дилемата за проверување на информациите кои ги пласира претседателот на САД е актуелна поради фактот што голем број на медиуми страдаат од губење на довербата од јавноста, тренд кој започна да зафаќа и повеќе големи американски институции. Незадоволството е поттикнато поради начинот на кој медиумската индустрија се „снаоѓа“ со провокативниот пристап и влез во политиката на Трамп пред повеќе од три години, но и поради перцепцијата дека медиумите со целосното пренесување на неговите излагања продолжуваат да го поттикнуваат претседателот на САД да лаже.
Сега се отвора нов предизвик за телевизиите и новинарите во САД, но и во светот, во „живо“ да ги обелоденат и отповикаат лагите на контроверзниот претседател, сè со цел да се исполни главната цел на новинарството, а тоа е навремено, точно и прецизно информирање на јавноста.