Годинешниот специјален самит на НАТО, еден од малкуте сојузи што толку долго успеале да опстојат во светот, кој во декември ќе се одржи во Лондон, по повод 70-годишнината од неговото формирање, наместо со прослава, би можел да биде одбележен со вознемиреност и загриженост за иднината. Вака во своја анализа конзервативниот американски сајт „Булварк“ го најавува одржувањето на следниот, јубилеен, самит на НАТО. Според „Булварк“, причина за ваквата атмосфера е тоа што светот во овој момент е сведок на враќањето на големата конкуренција на моќ и постепеното намалување на економската тежина на САД во однос на нивните главни сојузници во НАТО. Во исто време подемот на популизмот на Западот ги охрабри партиите отворено да му се спротивстават на НАТО.

– Може слободно да се каже дека НАТО како никогаш досега не наиде на ваква концентрирана антипатија од „титуларниот“ шеф на Алијансата, како што тоа сега го чини претседателот Трамп. Тој дури ја надмина својата практика за создавање хаос кај европските сојузници за да се префрлат одговорностите за преиспитување на главниот принцип и самата цел за која впрочем постои Алијансата – наведува „Булварк“.

Ваквиот заклучок „Булварк“ го темели врз последната изјава на американскиот претседател Трамп од мај 2017 година, на самитот на НАТО во Брисел, каде што тој со потсмев запраша јавно дали заемната одбрана на НАТО, која е опишана во членот 5, всушност функционира во реалноста. Магазинот „Булварк“ дополнително посочува оти средба за одбележување на годишнината требаше да има во Вашингтон, каде што всушност е и потпишан договорот за создавање на НАТО, но, како што јавија некои светски агенции, „поради опасност од ново трансатлантско недоразбирање“, министрите за надворешни работи ќе се состанат во британската престолнина наместо во Вашингтон.

– Годишнината доаѓа во деликатен момент за НАТО, особено поради неодамнешните шпекулации дека Трамп ќе ги повлече САД од Алијансата. Пред да стане претседател, тој ја нарече Алијансата „остарена“, а потоа го доведе во прашање основниот принцип на заемна одбрана во врска со најновата членка – Црна Гора – потсетува „Булварк“.
Наспроти оваа теза, британски „Економист“ со посветол тон го најавува следниот самит во декември, пишувајќи дека тој ќе мине во позитивна атмосфера, величејќи го достигнувањето од 70-годишното постоење на Алијансата токму со пристапувањето на најновиот член – Северна Македонија.

– НАТО е најсилниот и најуспешен сојуз во историјата, бидејќи сме биле во можност да ја менуваме. Од дванаесет членки од нејзиното раѓање, таа се прошири на неверојатни 29, а наскоро и со 30-та членка, кога ќе ни се приклучи Северна Македонија. Нејзиниот спор со Грција за името сега се надмина. Од осумте земји што го сочинуваа поранешниот ривал, Варшавскиот пакт, седум станаа дел од НАТО, како и три поранешни советски републики. Осмиот, самиот Советски Сојуз, престана да постои – е изјавата на Јенс Столтенберг, генерален секретар на организацијата, која ја пренесува „Економист“ во анализата со која се најавува следниот самит на НАТО.

Според британскиот магазин, единствениот пат кога „сојузниците“ се повикаа на членот 5 од НАТО договорот беше ветувањето на сите земји-членки од 12 септември 2001 година, еден ден по терористичките напади на Ал каеда во Америка, дека Алијансата едногласно ќе одговори со воена акција на Блискиот Исток. Анектирањето на Крим од страна на Русија во 2014 година ја разбуди подзаспаната Алијанса, која веднаш се врати на својата основна дејност за одвраќање на нејзиниот источен сосед. Оттогаш може слободно да се каже дека будно се работи на колективната одбрана и управувањето со кризи истовремено, наведува „Економист“ во својата последна анализа. Сепак, и „Економист“, слично како „Булварк“, истакнува дека НАТО доколку сака да го избегне повторување на конфронтациите што се случија на самитот во Брисел минатиот јули, мора да се реформира.

– Ние немаме гаранција дека НАТО ќе преживее засекогаш, затоа ни е потребна организација што ќе ги надмине сегашните несогласувања – вели Столтенберг за „Економист“.

Во меѓувреме, домашните познавачи на состојбите во НАТО велат дека следниот самит на Алијансата во Британија ќе биде можност за челниците на државите или влади на членките на НАТО да ги адресираат безбедносните предизвици со кои сме соочени сега и во иднина, за да се осигури НАТО да продолжи да се приспособува за да ја гарантира безбедноста на своето население, меѓу кое и она во Македонија. Експертите се согласуваат дека никој не може во целост да ги предвиди чекорите на Трамп на следниот самит на Алијансата, но, според она што тој го најавува деновиве, се очекува самитот да мине во напната атмосфера. Воено-политичкиот аналитичар Атанас Козарев вели дека нашата цел е да покажеме дека и ние ги вреднуваме нашите заложби и сме подготвени да испорачаме резултати и да докажеме дека Македонија е подготвена за членство во НАТО. Според Козарев, НАТО е историски воен сојуз, кој во брзо време нема да се распадне или, пак, да се доведе во прашање неговата легитимност.

– Никој со точност не знае што ќе се случи. Мислам дека едно нешто што е доста јасно е оти претседателот Трамп во 2019 година е поинаков од претседателот Трамп во 2018 и 2017 година. Се чини дека тој се чувствува попријатно во својата кожа и е поподготвен да го разниша статус квото – вели Козарев.

Тој изразува сомневање дека никој во придружбата на претседателот Трамп воопшто не знае што би можело да се случи на самитот.

– Можно е да се очекува на самитот дека ќе има отворен недостиг од единство меѓу сојузниците, како и отворени изјави од Трамп за обврските на сојузниците. Но мислам дека на крајот од денот ќе се обидат да го покажат своето единство, дури и само поради тоа што минуваат низ тешко време. Затоа постои потреба од единство. Што се однесува на Македонија, главната политичка задача на нашата влада е договорот со Грција, кој останува да биде нашиот предуслов за полноправно членство. Сѐ друго што се одвива во Алијансата се надворешни политики на посилните земји-членки, со кои мислам дека сѐ уште е прерано да се оптоваруваме или да носиме некои одлуки како идна земја-членка – завршува Козарев.


Мирна Европа носи корист за двете страни на Атлантикот

Писателот Стјуарт Готлиб, кој е поранешен советник за надворешна политика во сенатот и пишувач на говори, а актуелно е професор по американска надворешна политика и меѓународна безбедност на универзитетот „Колумбија“, го наведува својот став како одговор на уредничката колумна „Каква е улогата на САД во НАТО?“ објавена во „Њујорк тајмс“.
Готлиб се согласува со ставот на Бери Р. Посен дека во периодот по падот на Советскиот Сојуз, НАТО сам си нанесе штета со тоа што вклучи десетици нови членки и интервенираше надвор од своите рамки во завојуваните места како Либија. Но неговиот предлог за решавање на ваквата состојба можеби е преголем залак, односно повлекувањето на Америка од НАТО и „враќањето на целосната одговорност на европските сојузници за својата иднина“.
Да не се заборави дека НАТО беше неопходно не само поради советската закана, туку затоа што двете најкатастрофални војни во историјата се случија во Европа во 20 век и за нив беше потребна широка американска интервенција.
Како што своевремено изјави лордот Исмеј, првиот генерален секретар на НАТО, Алијансата беше создадена „за одбрана од Русите, Американците да бидат секогаш вклучени, а Германците под контрола“.
Русија сега е слаба закана во споредба со мрачните денови од Студената војна, а Германија е силна либерална демократија. Но американската вклученост во НАТО, можеби со помали размери и со новите наметнати граници за проширувањето и мисиите во Алијансата, останува да има клучна улога денес како и во периодот по Втората светска војна. Наедно Готлиб смета дека една стабилна, безбедна и мирна Европа секогаш ќе носи огромна корист за двете страни на Атлантикот.