Американскиот претседател Доналд Трамп го засили нападот врз медиумите за „лажни, лажни, одвратни вести“, опишувајќи ги присутните новинари како „грозни луѓе“, на политичкиот митинг одржан во Пенсилванија, САД, пишува магазинот „Тајм“.
Нападот на Трамп врз медиумите се случи и покрај предупредувањата на Обединетите нации оти неговите постапки ги доведуваат новинарите во ризик да бидат цели на насилство.
Лидерот на САД гневно негодуваше за начинот на кој медиумите известувале за неговата победа на претседателските избори во 2016 година, за неговите средби со севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун, со рускиот претседател Владимир Путин, за средбите во НАТО, како и неговото среќавање со англиската кралица Елизабета Втора минатиот месец.
– Што се случи со слободното новинарство? Што се случи со чесното известување? Тие не известуваат. Тие измислуваат приказни – кажа Трамп, покажувајќи кон присутните новинари.
Говорот на Трамп се случи неколку часа откако гласноговорничката на Белата куќа Сара Хакаби Сандерс одби да се огради од забелешките на американскиот претседател дека новинарите се „непријател“ на американскиот народ.
Реториката на Трамп беше проследена со аплауз и поддршка од публиката на митингот.