Властите на Гибралтар задржале супертанкер кој превезувал сурова нафта за Сирија, се вели во изјавата на главниот министер на Гибралтар, Фабијан Пикардо, објавена на веб-страницата на владата, пренесува „Гибралтар кроникл“.
– Рано утрово претставници на пристаништето Гибралтар и припадници на полицијата со поддршка на маринците на британската морнарица, се качија на супертанкерот „Грејс 1“ кој превезувал два милиони барели сурова нафта во Сирија. Ги задржавме бродот и неговиот товар – се наведува во соопштението.
Гибралтарските власти го задржале супертанкерот по налог на САД, соопшти вршителот на должност министер за надворешни работи Шпанија, Жозеп Борел, пренесува „Спутник“.
– Ние бевме во тек со оваа операција; патролните бродови ја контролираа зоната. Ја проучуваме ситуацијата што доведе до тоа. Станува збор за барање на САД упатено до Велика Британија – изјави Борел.
Според Борел, оваа ситуација може да влијае и на шпанскиот суверенитет зашто Шпанија го смета Гибралтарскиот Мореуз за свои територијални води.