Лидерите на Европската Унија денеска ќе ја разгледаат можноста за самит со рускиот претседател Владимир Путин, во рамки на новата стратегија за односи со Москва, за кои ЕУ смета дека се во „негативна спирала“, пренесува „Еурактив“.
Предлогот за одржување на самит со Путин, како можен начин за подобрување на односите помеѓу блиските трговски партнери, беше сугериран од германската канцеларка Ангела Меркел по консултации со францускиот претседател Емануел Макрон, откако американскиот претседател Џо Бајден веќе одржа средба со Путин во Женева.
Набргу се појавија знаци дека предлогот може да внесе поделби во ЕУ, бидејќи се смета за премногу благ кон Путин, додека истовремено ја разлути Москва со вклучување на заканата за нови санкции, како што објави „Политико“.
Тема на разговорите би биле прашањата за кои двете страни имаат спротивставени ставови, како за ситуацијата во Украина и во Белорусија, за човековите права, но и за меѓусебните обвинувања за мешањето во нивните избори, дезинформациите и заканите за безбедноста и стабилноста од Балтикот до Црното Море. Се очекува европските лидери да дејствуваат врз основа на руската стратегија која беше објавена месецов од страна на Европската комисија, а која предупреди за влошувањето на односите.
Макрон веќе имаше обид за подобрување на односите со рускиот колега Владимир Путин во септември 2019 година, но се смета дека беше безуспешен. Последниот самит на ЕУ со Путин беше одржан во Брисел во јануари 2014 година. Потоа лидерите на Франција и Германија имаа средби со Путин, од кои последниот беше во Париз, во декември 2019 година.
Но, постојат ризици и за нови тензии, бидејќи ЕУ денеска или утре ќе ги соопшти деталите за економските санкции врз Белорусија која е сојузничка на Русија. Згора, вознемиреност предизвика и вчерашниот инцидент во Црното Море кога руски воен авион испука предупредувачки истрели кон брод на британската морнарица кој вплови во руските води во Црното Море.