Германија ја продолжи привремената забрана за извоз на оружје во Саудиска Арабија, воведена поради улогата на властите во земјата во убиството на новинарот Џамал Кашоги.
Германското ембарго требаше да заврши на 9 март, но германскиот министер за надворешни работи, Хајко Маас вчера изјави дека ќе биде продолжен до крајот на месецот, со цел владата да добие повеќе време за да го процени воениот ангажман на Саудиска Арабија во војната во Јемен, јавува Ал Џезира.
– Веруваме дека војната во Јемен треба да биде завршена што е можно поскоро- рече Маас по состанокот на кабинетот на германската канцеларка Ангела Меркел.
– Не само што лиценцата за продажба на оружје нема да се издаде до крајот на март, туку и оние кои веќе се одобрени нема да се реализираат- додаде тој.
Германија воведе еднострана забрана за извозот на оружје во Саудиска Арабија во октомври минатата година, откако Џамал Кашоги, новинар на „Вашингтон пост“ и критичар на власта во Ријад, беше убиен во саудискиот конзулат во Истанбул.
Но, оттогаш, Германија е под притисок на Велика Британија и Франција да го укине ембаргото, бидејќи ги спречува заедно да продаваат оружје на Саудиска Арабија, кое вклучува германски делови. Поради тоа под знак прашање се милијарди долари, вклучувајќи го и купувањето 48 авиони „Еурофајтер Тајфун” во вредност од 13,13 милијарди долари, наведува „Ал Џезира“.